Управата за хидрометеоролошки работи и за утре најавува облачно време со пообилни врнежи од дожд. Наместа се очекува да наврнат и над 20 литри на метар квадратен.
Променливото облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд се очекува да се задржи и во следните денови. Локално процесите ќе бидат поинтензивни, проследени со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура во текот на неделата ќе се движи од 2 до 10 степени, а максималната од 11 до 24 степени. Најтопло ќе биде во четврток кога дневната температура ќе го достигне 24-тиот степен.
Инаку источниот дел на Крит викендов го зафатија обилни дождови во кои се поплавија градовите Иерапетра и Ситиа, по што е прогласена вонредна состојба.
Службите за помош при катастрофи денеска испумпуваат вода од зградите, хотелите и куќите на источниот медитерански остров, кој во голема мера зависи од туризам.
Во Грција, особено на Крит, изминатите денови имаше невреме со невообичаено голем број бури и поројни дождови, јави ДПА.