Преподобен Иларион Нови
Игумен на манастирот Пеликит, близу Хелеспонт. Со Духот Божји блесна како сонце. Исцелуваше болести кај луѓето и изгонуваше демони. Во времето на Лав Ерменин настана иконоборно гонење во кое пострада и овој Божји човек. Го испратија во ропство во прогонство близу Ефес заедно со неговите четириесетмина монаси и во 754 година се упокои во затворот.
Преподобниот маченик Евстратиј Печерски
Беше многу богат, но заради љубовта Христова го раздаде сиот имот, стапи во Печерскиот манастир и се замонаши. Кога Пољаците завојуваа со Киев во 1097 година, го ограбија манастирот, многумина христијани и монаси ги убија, а Евстратиј со уште неколкумина верни го продадоа во ропство на некој Евреин во градот Корсун. Овој Евреин ѝ се потсмеваше на христијанската вера и ги принудуваше христијаните да преминат во еврејската вера. Кога видоа дека нема друг излез, решија самите себеси да се усмртат со глад, но од вистинската вера да не се одречат. На оваа одлука христијаните ги охрабри свети Евстратиј. И сите умреа од глад, некои после три дена, други после четири, а некои по седум дена. Навикнат на пост Евстратиј остана во живот сам и издржа четиринаесет дена без храна. Евреинот разгневен што му пропаднаа парите со коишто ги купи овие робови, му се одмазди на свети Евстратиј со тоа што го прикова на крст. На крстот Евстратиј Му заблагодари на Бога, а на Евреинот му прорече лута и рана смрт. Бесен од лутина, Евреинот го прободе со копје. Така овој светител Му ја предаде својата душа на Бога. Телото му го фрлија во морето, но тоа исплива и над него се случија големи чуда. Набрзо по ова, византискиот цар нареди казна за Евреите во Корсун за нивната злоба кон христијаните. Мачителот на свети Евстратиј тогаш го обесија на дрво.
Светиот маченик Бојан, кнез Бугарски
Бојан (Енравот) беше бугарски кнез, и беше паганин. Кога на бугарскиот престол стапи неговиот брат Маломир (Владимир), благоверниот кнез Бојан му се обрати со молба да го ослободи од ропство христијанинот Кинамон (Кинам), кој долго време беше во затвор затоа што одби да учествува во паганското жртвопринесување при кнезот Обрит (Крутогон), претходникот на Маломир. Желбата на Бојан беше исполнета, и тој, откако го виде до крајност изнемоштениот Кинамон, го праша зошто тој толку страдал.
Во долгата беседа, Кинамон му ја објасни заблудата на паганството и неопходноста од Христовата вера за спасението. На крајот на беседата, тој му рече на кнезот: „Без Христа Иисуса нема светлина за умот, нема живот за душата. Тој е единствен учител на човечкиот род и наш Спасител, којшто ја примири Божјата правда преку својата смрт со виновното човештво. Не сакаш погибел? Тогаш верувај во Господа Иисуса“. Кнезот Бојан со радост прими Свето Крштение. Новообратениот благоверен кнез, откако се запозна со христијанското благочестие, проникна со искрена љубов кон молитва, пост и богомислие. Маломир, пак, кога дозна за обраќањето во христијанство на својот брат, побара од него да се откаже од Христовата вера и да се врати во паганството. Бојан му одговори: „Јас се гнасам од паганските идоли и го почитувам Христа, Вистинскиот Бог и никој не може да ме оддели од љубовта кон Христа“. Откако го чу одговорот од својот брат, Маломир го осуди на смртна казна. Пред исполнувањето на пресудата, Бојан пророчки кажа: „Верата заради која сега умирам, ќе се распространи по целата бугарска земја. Залудно се надевате дека ќе ја сопрете со мојата смрт. Ќе бидат подигнати храмови на Вистинскиот Бог и служењето Нему нема никогаш да се прекрати, додека идолите и скверните жртвеници ќе исчезнат“.
Со последните зборови му се обрати на својот брат Маломир: „Од својата жестокост ти нема да добиеш никаква полза, наскоро и тебе ќе те постигне смрт“.Светиот маченик Бојан пострада за верата во Христа околу 830 година. Неговото пророштво набргу се исполни: Маломир наскоро у*ре и, бидејќи немаше деца, на престолот седна неговиот постар брат Персијан (836-852). Синот на кнезот Персијан, светиот рамноапостолен кнез Борис (во светото крштение Михаил, се празнува на 2 мај), го покрсти целиот бугарски народ.