Огнен Велевски: „Лицата со попреченост се многу поискрени, чисти и полни со позитивна енергија, но дружбата на трибина меѓу нив и лицата без попреченост е сеуште мала“

ИЗВОРСкопје24
|

Во последниве неколку години активно се говори на тема „Лица со попреченост“ и за тоа што општеството и граѓаните можат да направат за да го олеснат нивниот начин на живот, како и полесно да се вклопат во средниата во која се наоѓаат, но по се изгледа дека граѓаните се уште не се целосно подготвени тоа да го прифатат.

Не ретко сме биле сведоци на настани во кои ваквите лица биле дискриминирани од општеството или поединци, настани во кои тие биле лишени од своите права како поединци и ситуации во кои сме дошле до сознание дека граѓаните не се доволно информирани за тоа што значи „Лице со попреченост“.

Најпрво сите треба да знаеме дека овие лица се суштествен дел од општеството како и сите други лица, и треба да се трудиме тие да бидат вклучени што е можно повеќе во секој дел од него, бидејќи како што тие напредуваат така напредуваме и ние, како индивидуи и како општество и држава.

ФК Работнички ја одбележува CAFE Week of action 2019 заедно со своите партнери КРИК, Ластовица и ДУЦОР Партенија Зографски

Од неодамна во нашата земја започна и процес на активно вклучување на лицата со секаков вид на попреченост во фудбалот и спортот во Македонија. Процесот започна во 2015 година со проектот од УЕФА „Captain of changes”, кој во 2017 прерасна во улога на Disability Access Officer (DAO), со кој, секој клуб од првата фудбалска лига на Македонија, кој е со професионален статус, е обврзан да назначи одговорно лице (DAO) кое ќе биде задолжено да се грижи за делот на инклузијата и социјална одговорност на овие лица.

За таа цел екипата на Скопје24 направи разговор со Огнен Велевски, (DAO) одговорното лице во фудбалскиот клуб Работнички, кој секојдневно се грижи за лицата со попреченост и сака да докаже дека и тие можат целосно да бидат вклучени во спортот во нашата земја. Во разговорот ни опиша каков е нивниот статус во земјава, што таа прави за нив, како луѓето гледаат на нивните попречености и како клубот Работнички ги вклучува во општеството.

Бидејќи во нашата земја ретко се поврзува спортот со лицата со попреченост, ова еголем плус за Македонија, но од каде се појави самата идеја за проектот?

– Оваа идеја во фудбалот во Македонија е имплементирана уште од 2015 година. Инаку, во Европа истата функција постои уште од 2011 година, и е едно од основните обележја на секој европски гигант. Во нашата земја лицата со попреченост се доста активно во спортот, но само во нивните рамки. Задача на проектот на УЕФА е да ги вклучи во фудбалската игра, заедно со лицата кои не се со попреченост.

Како реагираат овие лица кога ќе можат да настапат со фудбалерите на ист натпревар и кога ќе излезат на трибините заедно со нив?

– Пресреќни се! Самите кажуваат дека во нашата држава ретко кој води грижа за нив, и ретко кој се нафаќа да ги организира за натпревар, особено ако не тие самите во своите здруженија. Инаку, ние како клуб, не само што ги организираме да гледаат натпревари на ФК Работнички и на Националниот тим, туку и се грижиме истите тие граѓани активно да бидат вклучени во фудбалската игра и на самиот терен, на што сум особено горд, кога ќе ги видам нивните насмеани лица.

Како е да се работи секојдневно со овие исклучително посебни лица и се дава ли доволно простор и внимание на овие лица?

– Одлично е да се работи со нив морам да признаам. Секојдневно сум во контакт со организации и со лица со различен тип на попреченост и морам да признаам дека јас се чувствувам исполнето. Не правам никаква разлика меѓу нив и останатите граѓани во однос на попреченоста, зошто за мене сите се исти. Особена посебност кај оваа категорија на граѓани е што се многу поискрени, чисти и полни со позитивна енергија, која те тера да работиш се повеќе и повеќе за нив. Секојдневно слушам коментари од граѓани без попреченост во стилот „дека е супер што ја работам оваа работа која е исклучително благородна“, но веднаш потоа, следува следната реченица дека “ретко кој би се нафатил да работи со тие лица“. Ова некако најдобро ми ја
отсликува ситуацијата во однос на грижата за оваа група граѓани.

Како реагираат и како ја прифаќаат оваа идеја родителите на овие лица и општо публиката која ги следи натпреварите?

– Родителите се радуваат на секој настан во кој е вклучено нивното дете, секако. Дури, истите и самите се нудат да помогнат, иако тоа не се бара од нив. Радосни се, и се забележува среќата, зошто како што самите велат, гледаат дека има некој кој е тука и за нив. Во однос на публиката, се гледа и приметува оној јаз во свеста на Македонскиот народ во однос на прифаќање, па дружбата на трибина меѓу лицата со попреченост и лицата без попреченост е мала, се уште. Но, одлично е што нема веќе негативни коментари, туку е веќе прифатена мислата дека и тие постојат и функционираат меѓу нас… но се уште е рано целосна дружба.

Бидејќи минатата година имавме можност да видиме како жителите на едно населено место со денови протестираа против изградба на дом за згрижување на деца со посебни потреби, според тебе можеме ли да кажеме дека имаме доволно развиена свест за да ги прифатиме овие лица во спортот?

– Да, ја следев тогаш ситуацијата со протестите преку медиумите. Особено за тој протест тогаш, морам да ја пофалам храброста на една жена која си дозволи да ги запознае дечињата во домот и на дело да ја почувствува нивната искрена душа. Јас лично работам со дечиња со попреченост во процесот на инклузијата во образование како Образовен асистент и секојдневно се соочувам со сите проблеми кои ги имаат лицата со попреченост како и мислењето на јавноста во однос на нив. Морам да признаам дека свеста полека се подигнува на повисоко ниво.

Огнен Велевски (десно) со Аксел Акерман (DAO) РБ Лајпциг Германија

Во тоа едно минато време, овие лица беа заклучувани дома , живееја како во затвор и немаа никакви права. Денес, ме радува ситуацијата што се повеќе ниви организации се создаваат на ова поле и се повеќе се работи на подигнување на свеста.

Ние, како ФК РАБОТНИЧКИ активно делуваме и се грижиме за лицата со попречености, не само во однос на создавање инфраструктура на стадионите за непречено следење на фудбалската игра (во однос на: пристапни паркинзи, влезови, рампи, лифт за колички, превод и толкување на натпреварите на ФК Работнички на Знаковен јазик, и слично..), туку и во однос на подигнување и развивање на свеста во општеството за важноста и бенефитот за оваа група наши сограѓани со процесот на вклучување во фудбалската игра. Имено, нашиот
клуб се приклучи на Неделата на акција 2019 (CAFE football Week of action 2019) и за прв пат на еден натпревар од Првата македонска фудбалска лига, лица со оштетен слух и говор земаа активно учество во играта и дечиња со комбинирани попрелености излегоа заедно со играчите на терен со цел да пренесат јасна порака дека “Фудбалот е игра за сите! Пристапот е важен за секого!”

Имено пред неколку месеци во Барселона се одржа и Првиот самит на клубови од Европа на кое учествуваа сите DAO лица од фудбалските клубови. Помеѓу 40-те учесици тука беше и Македонија. Велевски всушност беше првото лице од Македонија кое присуствуваше на ваков настан, на кој имал шанса да ја претстави нашата земја и на кој, како што вели, се здобил со многу позитивни искуства.

– Таму имав своја презентација за условите во Македонскиот фудбал за лицата со попреченост и ги презентирав условите на Арената „Филип Втори Македонски“ кои ги нуди за лицата со попреченост. Со особена гордост можам да кажам дека ФК Работнички игра на една од најсовремените Арени на Балканот, која после УЕФА Суперкупот во 2017 во Скопје, се здоби со сите најсовремени услови за лицата со попреност по најновите CAFE стандарди (Center for Access to Football in Europe). Сега, Арената нуди пристапни паркинзи, рампи, влезови, тоалети, лифт за корисниците на колички, платформа за следење натпревари, и останато.

Кои се идните настани или планови кои сакате да ги постигнете?

– ФК Работнички активно и со радост работи на секој проект. До сега
сработивме неколку клучни настани за лицата со попреченост во фудбалот во Македонија. Секако, за 2019 имаме полна агенда. Веќе сме договорени со Специјална Олимпијада Македонија да се организираат тренинзи во фудбал за лицата со интелектуална попреченост. Секој граѓанин со овој тип на попреченост што сака да игра фудбал е добредојден на терените на ФК Работнички во Градски парк. Во иднина се предвидени турнири во мал фудбал за лица со различен тип на попреченост, организирани настани следење мачеви на Националниот тим, состаноци со организации за подигнување и подобрување на инфраструктурата на свеста на повисоко ниво, и секако нема да откривам се…

Имено, ФК Работнички нуди бесплатни билети на сите заинтересирани граѓани и организации кои ги покриваат лицата со попреченост за сите натпревари на клубот. Секој заинтересиран може слободно може да се јави во клубот и да резервира билет или акредитација како придружник на лице со попреченост за натпревар на ФК Работнички. Клубот се залага за секој граѓанин активно да партиципира во фудбалската игра и со радост го пречекуваат во сопствените клубски простории.

(Наталија Јосифоска)