Уништена е целата внатрешност на Нотр Дам од 12 век

ИЗВОРСкопје24
|

Катедралата Нотр Дам во Париз е уништена од огромниот пожар што го уништи ова вековното обележје.

Пожарникарите се обидуваат да го изгаснат огнот, кој според полицијата започнал одеднаш и бил предизвикан од извршувањето градежни работи на една од најпознатите катедрали во светот.

Пламените јазици избија од покривот на катедралата, едно од најпознатите светски знаменитости брзо ја зафатија црковната кула која се урна.

Портпаролот на француската црква изјави дека внатрешноста на катедралата која била направена од дрвени материјали и изградена во 12 век веројатно е целосно уништена.

Службите за итни случаи се обидуваат да ги спасат уметничките дела и останатите предмети од непроценлива вредност кои што се складирани таму, изјави заменик-градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар.

Портпаролот на Нотр Дам, Андре Фино, за француските медиуми изјави: „Сè гори, ништо нема да остане од црквата”

Засега нема информации дали има повредени лица.

На левиот брег на Сена се собрани илјадници луѓе кои и натаму го следеа развојот на настаните и беснеењето на огнот пред кој и пожарникарите се немоќни. Полицијата затвори неколку метро станици и ги затвори патиштата околу катедралата.

Некои луѓе во толпата плачеа, други се молеа, се пееше „Марселезата“.

„Не можам да верувам во она што го гледам”, рече една постара жена за „Гардијан“. „Ако ова изгори, тогаш дел од историјата засекогаш ќе исчезне.”

Друг парижанин изјави дека„ не сонувал дека некогаш ќе види нешто толку депресивно”.

Претседателот Емануел Макрон го откажа планираниот говор пред нацијата и според француските медиуми и тој е пред Богородичната Црква.

На својот твитер налог тој напиша дека неговите мисли се со сите католици и со целиот француски народ „Како и сите наши сограѓани, јас сум тажен вечерва и ова е како дел од нас да гори”.

Градоначалничката на Париз, Ана Идалго, на Твитер напиша дека „пожарникарите сè уште се обидуваат да го изгаснат пожарот и ги повика жителите да се држат настрана од безбедносниот периметар“.

Катедралата е на тешко достапен дел, на островче на реката Сена и до неа се доаѓа преку тесни улички и мовчиња кои дополнително ја отежнаа работата на пожарникарите. Но, нивната брза реакција беше оневозможена и поради големиот пожар кој ја зафати црковната кула и стравувањата дека при падот таа ќе предизвика човечки жртви. Акцијата за гасење почна дури откако кулата се урна. Во моментов се гаси пожарот од сите страни, но граѓаните реагираат бидејќи не се вклучени и хеликоптери за со нив побргу да се згасне огнот.

Светската јавност во првичните реакции смета дека ова не е национална, туку светска трагедија, Богордичната црква ја посетуваат 13 милиони туристи годишно. Таа е заштитено културно наследство и највеличествена градба на готската архитектура во Франција.

Во гаснењето на пожарот кој се прошири и на страничните делови на катедралата се вклучени 400 пожарникари.