Каква поврзаност има зајакот со празникот Велигден?

ИЗВОРСкопје24
|

Сите верници се радуваат на шарените јајца за Велигден. Скоро сите знаат дека јајцето е симбол на нов живот и затоа се користи и како симбол за Велигден и новото раѓање на Исус. Но, гледајќи ги сите декорации што се продаваат во овој период од годината, неминовно се наметнува прашањето – што симболизира велигденскиот зајак? Како тој се поврзува со Велигден и дали тој ги носи јајцата?

Зајците можат да се најдат на сите континенти, освен на Антарктикот. Тие се познати по тоа што многу брзо се размножуваат, особено на пролет, а сите знаеме дека Велигден се паѓа секогаш во пролетната сезона. Како резултат на нивната плодност и нивната активност во ова годишно време, зајаците станале симбол на пролетта и новиот живот.

Сепак, ова не е единствената причина. Долго време луѓето верувале дека зајаците се хермафродити и дека можат да зачнат без да ја изгубат невиноста. Ова верување започнало уште од старите Грци и се одржало дури до раниот среден век.

Зајакот често пати може да се види на слики како асоцијација за Дева Марија, бидејќи се верувало дека и тој може да затрудни без да ја изгуби невиноста. Ова значи зајакот има двојна улога, како симбол на плодноста и пролетта и дополнително како симбол на невиноста на Дева Марија.

Се верува дека зајакот бил популаризиран како симбол за овој период од годината од страна на германските протестанти, па така кога тие емигрирале во американските колонии во 18 век, верувањето се раширило низ цела северна Америка, а подоцна со маркетингот, слично како Дедо Мраз, се проширило и низ целиот свет.

Кокошкините јајца за Велигден се друг независен симбол којшто има слично значење со зајакот, па така со тек на времето двата симболи се споиле во еден, со цел да се анимираат децата во целата религиозна прослава за Исусовото воскреснување.

Така јајцата почнале да се фарбаат во силни бои, а зајакот почнал да ги крие, за да ги најдат добрите деца.