Македонија
Во Македонија се вели дека Велигден е најголемиот од сите празници. Според традицијата најстарата жена во семејството ги вапсува првите три јајца со црвена боја рано наутро на Велики четврток, пред да изгрее сонцето. Првото јајце е за Бога и се смета дека поседува заштитна моќ, затоа се става покрај иконата до следниот Божиќ. Велики петок е ден за духовно прочистување и луѓето одат во црква, каде проаѓаат под посебно украсена маса, која што го симболизира гробот на Исус Христос. Во сабота навечер луѓето се собираат пред црква, носејќи јајца и свеќа. Во недела, по религиозниот пост кој траел 40 дена, во секоја куќа има обилна трпеза која вклучува зелена салата, јагнешко месо, јагнешка чорба, сладок леб (милиброд) и торта.
Србија
Во Србија, Велигден опфаќа мноштво на обичаи: дружење со најблиските, постење, вапсување јајца и молитва. За некои тоа започнува 40 дена пред самиот празник со пост кој трае до самиот Велигден. За време на тој период, православните верници не јадат производи од животинско потекло. Тој период е со цел да се прочисти телото и духот на христијаните. На тој начин тие се подготвуваат за причеста која се одвива во недела наутро. Во Србија обичај за Велигден е будење рано наутро, но и незаспивање пред полноќ. Доколку заспиете пред полноќ, ќе бидете поспани и мрзеливи до следниот Велигден. Вториот ден од Велигден, луѓето во Србија одат на гробишта, каде што на секој гроб оставаат по едно црвено јајце за и починатите да можат да уживаат во Христовото воскресение. Овој ден се нарекува и „Воден понеделник“, бидејќи момчињата и младичите ги полеваат со вода девојките и младите жени.
Словенија
Словенечкото име за Велигден е Велика ноќ. Тој претставува и голем празник за јадење после неделите на постови. Иако, сите не постиме вистински. Пред велигденската недела, христијаните во Словенија вообичаено носат кошничка наполнета со храна за благословување во црква. Тоа се нарекува»žegen«.Во нашата типична словенечка кошничка, може да се најдат: шунка, леб, хрен и специјална словенечка торта наречена Potica (торта со ореви) и јајца декорирани со боја. Храната од кошничката ја чека традиционалната софра, кога целото семејство има традиционален велигденски доручек следниот ден. Вапсаните јајца се стара традиција на Словенците. Pisanice од Бела Крајина се познати како посебен вид поради нивните комплицирани шеми и се одличен пример на словенечка народна уметност. Од друга страна, вапсувањето и декорирањето на јајца е семејна традиција и се користат разни техники од лушпи од црвен кромид, лисја од спанаќ, коприва, глуварче, шафран, цветови од бозел и други природни супстанции.
Хрватска
Во многу земји, вклучувајќи ја и Хрватска, постои обичај да се вапсаат велигденски јајца, на пример со лушпи од кромид, цвекло или спанаќ, а можат да бидат украсени и со билки. Според широко распространетиот обичај, на малите деца им се кажува дека зајакот им носи подароци. Најинтересен обичај е т.н. “кршење со јајца” – едно јајце се крши од друго, а победник е оној чие јајце на крајот на борбата нема да пукне. Во минатото, жителите од хрватските села се собирале и пееле велигденски песни околу голем оган кој го симболизира Исус Христос.