Британската лотарија одбила да исплати џекпот од четири милиони фунти на двајца играчи кои биле осомничени дека го купиле тикетот со украдена дебитна картичка.
Подружницата во Камелот почнала да се сомнева кога било откриено дека 36-годишниот Марк Гудрам и 31-годишниот Џон Рос Вотсон не поседувале банкарска сметка на која требало да им се префрли освоената сума.
Бидејќи двајцата не можеле да објаснат од каде им е дебитната картичка, тврдејќи дека “ја добиле од пријателот Џон кој заминал на северот”, организаторите одбиле да ги исплатат додека трае истрагата.
Гудрам и Вотсон планирале да купат луксузни куќи од добивката, да одат на крстарење по Карибите и да го посетат Лас Вегас. Вотсон има неколку пресуди поради прекршоци, вклучувајќи и банкарска измама, а двајцата се нашле на листата на “најбарани во Болтон” поради разни прекршоци во текот на последните неколку години, пренесува “Daily Mail”.
И Марк и Џон негирале дека користеле украдена картичка за да го купат тикетот, а од лотариската подружница изјавиле дека нема да ја исплатат сумата, но на нивниот сајт не се споменува процедурата по прашање на украдени банкарски картички.