Како да стасате до работа кога папата ќе го посети Скопје?

ИЗВОРСкопје24
|

Сите паркинзи на ПОЦ (Општина Центар), ЈП „Градски паркинг“ и АДСПС во Скопје ќе бидат бесплатни на 6 мај по 17 часот, како и на 7 мај во текот на целиот ден

За време на посетата на папата Франциск, на 6 и 7 мај, во Скопје ќе има посебни правила за движење на автомобили и пешаци. Низ централното градско подрачје ќе може да поминете само со лична карта или пасош, некои улици и булевари ќе бидат затворени, а центарци нема да може да ги користат своите возила во зоната „Голем ринг“… Како што информираа од координативното тело за организирање на посетата на папата, на територијата на Град Скопје и правецот од Меѓународниот аеродром – Скопје до центарот на градот ќе важат посебни сообраќајни правила за движење на автомобили, како и посебни правила за движење на пешаците низ центарот на Скопје.

Рестриктивна зона

Во централното градско подрачје во Скопје, поточно појасот „Голем ринг“, во вторник, 7 мај, од 6 до 19 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот. Сите возила ќе бидат пренасочени на сообраќајниците околу центарот во Скопје за да може непречено да се движат. Во овој временски период ќе се формира „рестриктивна зона“ на движење. За автомобили целосно ќе бидат затворени следните улици: 11 Октомври од крстосницата со булеварот Кочо Рацин до крстосницата со улиците Димитрие Чуповски, Даме Груев, Македонија, Васил Главинов, Филип 2 Македонски, Св. Климент Охридски (адвокатска) и Иљо Војвода.

МВР го задржува правото за стопирање на сообраќајот во кратки временски интервали и на други сообраќајници, во времето на движење на папата Франциск низ Скопје.

Сообраќајници по кои ќе биде дозволено движењето на возилата се следните: булевар Кочо Рацин, улица 11 Октомври од крстосницата со булевар Кочо Рацин до крстосницата со булевар Борис Трајковски, улицата Св. Кирил и Методиј, булеварите Св. Климент Охридски, Партизански одреди, Гоце Делчев и улицата Самуилова.

Жителите на Центар да ги остават автомобилите дома

Граѓаните што живеат во централното градско подрачје, во зоната „Голем ринг“, во вторник нема да може да ги користат своите возила. Од координативното тело информираат дека тие може да ги извадат надвор од рестриктивната зона на 6 мај (понеделник) за да може да ги користат. Сите паркинзи на ПОЦ (Општина Центар), ЈП „Градски паркинг“ и АДСПС во Скопје ќе бидат бесплатни на 6 мај по 17 часот, како и на 7 мај во текот на целиот ден. Од координативното тело апелираат сите граѓани што живеат на територијата на Град Скопје на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз при упатувањето кон своите работни места и да избегнуваат користење на автомобили. Тие ќе бидат бесплатни за сите граѓани што со себе ќе имаат важечки документи за идентификација. Посебниот автобуски возен ред за овој ден ќе биде објавен на веб-страницата www.jsp.com.mk, како и на официјалната веб-страница за посетата на папата Франциск – www.papa.mk.

Каде и да одите, тргнете порано

Посебни сообраќајни правила на движење на автомобили ќе има и на трасата од Меѓународниот аеродром – Скопје до централното градско подрачје на Скопје. На 7 мај во временските интервали од 7:30 до 9 часот и од 17 до 18:30 часот, сообраќајот по бул. „Александар Македонски“ од излезот на Скопје во Автокоманда, кон аеродромот, ќе биде затворен во двете ленти на булеварот и ќе биде пренасочен по споредни сообраќајници. На трасата Велес – Скопје, во овој временски интервал, сообраќајот за влез и излез во Скопје ќе се одвива преку трасата Миладиновци – Идризово – Маџари. На трасата Куманово – Скопје, на клучката Миладиновци (кај Рафинеријата), сообраќајот ќе се пренасочува кон Обиколницата на Скопје, на која прв дозволен влез во градот Скопје ќе биде на клучката кај Радишани.

Интерактивна мапа

На трасата Куманово-Велес ќе има кратко стационирање (застој на сообраќајот), во двата посочени временски интервали. – Апелираме до сите граѓани што планираат да поминуваат на овие три правци, да излезат од своите домови еден час порано од претходно планираното, со оглед што движењето по споредните сообраќајници може да трае подолго од планираното. Истото важи и за сите граѓани што на 7 мај ќе имаат лет преку Меѓународниот аеродром – Скопје.

И железничкиот сообраќај кон Скопје и надвор од Скопје ќе биде бесплатен за сите граѓани. Посебен возен ред ќе биде објавен на страницата www.mzt.mk.

Како ќе се движат пешаците?

За време на апостолската посета на папата Франциск движењето во централното градско подрачје (познато како „Мал ринг“) за сите граѓани ќе биде непречено, но забавено, бидејќи овој појас ќе биде строго обезбедена зона. Сите граѓани што ќе пристапат во оваа зона во периодот од 6 до 19 часот на 7 мај ќе мора да се идентификуваат со важечки документ за идентификација и да поминат низ безбедносни проверки.

Во зоната „Мал ринг“ ќе се пристапува преку осум влеза на кои МВР ќе врши безбедносна проверка на сите граѓани, како и проверка на лична карти или пасош. Ова се единствените влезови во кои ќе се пропуштаат граѓаните кои ќе се упатуваат кон плоштадот „Македонија“: – Влез кај Управен суд на улица Орце Николов – Влез кај хотел „Мериот“ на улица Максим Горки – Влез кај кафе „Тренд“ на улица Димитрие Чуповски – Влез кај Министерството за финансии на улица Даме Груев – Влез кај Завод за статистика на улица Даме Груев – Влез кај Пелагонија на улица Димитрие Чуповски – Влез кај порта „Македонија“ на улица 11 Октомври – Влез на предната страна од ГТЦ кон плоштад

Од координативното тело апелираат до сите граѓани што ќе се упатат кон плоштадот „Македонија“ за учество на литургијата на папата Франциск да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет. Тој треба да го чуваат со себе до крајот на литургијата. Пешачките мостови на реката Вардар (Камениот мост, мостот Око и Мостот на уметноста) ќе бидат целосно затворени за движење, како и Кејот „13 Ноември“ од двете страни на реката.

– Сите граѓани што живеат или работат околу плоштадот „Македонија“ ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за каде што е потребна влезница за учество на литургијата. Пристапот за моторни возила, велосипеди, мопеди и слично е забранет во обезбедената зона – информираат од координативното тело.

Тука може да ја погледнете интерактивната мапа на која детално може да се види посебниот сообраќаен режим.