АВСТРАЛИСКИ НАУЧНИК ТВРДИ: ОТКРИВАЊЕТО НА ВОНЗЕМСКИ ЖИВОТ Е САМО ПРАШАЊЕ НА ВРЕМЕ

ИЗВОРСкопје24
|

Дека луѓето не се сами во вселената веруваат речиси сите. Самата големина на вселената сугерира дека „таму некаде“ постои уште некоја цивилизација која што исто така бара „друг живот“.

Кетал О’Донел, австралиски научник кој се занимава со 3Д биопринтање во Мелбурн, своето „откритие“ за постоењето на вонземски живот го темели врз фактот дека досега се откриени десетина планети кои имаат потенцијални услови за живот.

Во својата студија, објавена во “The Conversation”, О’Донел истакнува дека самата големина на вселената и бројот на планети кои се наоѓаат во зоните погодни за живот (не преблиску и не предалеку од ѕвезди како нашето Сонце), го чини откривањето на вонземски живот веројатно.

„Се чини дека е неизбежно дека постои живот таму некаде, посебно ако земеме во предвид дека животот на Земјата се појавил така брзо после настанувањето на планетата. Нашата планета е населена откако се појавиле услови за живот, а условите за настанување на животот се многу флексибилен концепт“, вели О’Донел кој додава дека траги на живот се пронајдени во многу „негостопримливи“ места.
Според него, на некои од најсуровите места за живот на нашата планета Земја, пронајден е живот, а некои од тие услови можат да се пронајдат и на други планети во Сончевиот систем.

О’Донел истакнува дека освен на Земјата, услови за живот на нашиот Сончев систем постојат и на Марс, но и на уште две места – природниот сателит Европа на Јупитер и природниот сателит Енкеладус на Сатурн. Според австралискиот научник, роблемот е во тоа што луѓето се уште немаат доволно софистицирани алатки со кои би препознале и пронашле живот на тие планети.

Сепак, откривањето на вонземски живот според О’Донел е прашање на време и таквото откритие значително би ги зголемило шансите да пронајдеме „таму некаде“ цивилизација со која би можеле да комуницираме.

НАСА: За десет години би можеле да откриеме вонземски живот

Дали навистина може да се предвиди кога човештвото ќе открие знаци од вонземјани? Според Елен Стофан од НАСА, човештвото е на чекор да открие докази за постоење на вонземски живот, пренесува Huffington Post.

„Мислам дека за рок од десет години ќе имаме јасни показатели за живот надвор од Земјата, додека за 20 до 30 години ќе имаме цврсти докази“, вели Стофан, која е еден од најдобрите научници во НАСА.

„Знаеме каде да бараме, знаеме како да бараме. Во повеќето случаи за тоа имаме технологија и сме на добар пат да ја имплементираме. Затоа мислам дека сме на добар пат истото да го оствариме“, изјави таа на средбата што ја организираше НАСА на тема „Вода во универзумот“.

Со неа се согласува и Џефри Њумарк, соработник од НАСА.

„Не зборуваме за мали, зелени луѓе, туку зборуваме за мали микроби“, објаснува тој.