Крај на доминацијата на Кенијците: Скопски маратон првпат доби победник од Етиопија!

ИЗВОРСкопје24
|

Преку 12.000 вљубеници во трчањето се појавија утринава на улиците од македонската престолнина како дел од 15. издание од Скопски маратон, кое на крајот заврши со историско остварување на Чалаче Тируне кој стана прв атлетичар од Етиопија со триумф на оваа веќе реномирана манифестација.

Неговиот резултат од 2:15:37 часа беше петти најдобар во досегашната историја на Скопски маратон, со што стави крај на седумгодишната доминација на конкурентите од Кенија, кои сега можеа да се задоволат само со второто место на Вилфред Кипчирчир Корир со резултат од 2:16:54 часа. Третата позиција му припадна на сонародникот на победникот, Гетаје Фисеха Гело со речиси четири минути полошо време од лидерот.

Најдобро пласиран македонски маратонец беше Александар Кираџиев, кој заврши како шестопласиран со време од 2:37:41 часа, додека веднаш зад него беше сонародникот Александар Андоновиќ со нешто повеќе три минути полошо време.

Во женска конкуренцијa убедливо триумфираше тројката од Кенија на чело со Енис Мучири, која патеката ја истрча за 2:33.37 часа, пред сонародничките Тануи и Лимамуреи. Најдобра македонска атлетичарка беше Адријана Поп Арсова, која истрча нов државен рекорд од 2:52.52 часа, доволно за седмото место. Веднаш зад Поп Арсова на осмото место истрча Билјана Кираџиева од АК Ендуранс со време од 2:58.15 часа.