Среќен именден Марко: Денеска се слави овој Свeти апостол и евангелист

ИЗВОРСкопје24
|

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 25 април.

Денеска е Св. апостол и евангелист Марко.

Светиот апостол и евангелист Марко е еден од четворицата евангелисти, автори на Новиот завет од Светото писмо. Роден е во Ерусалим, според едни бил ученик на светиот апостол Петар, според други е еден од 70-те Христови ученици. Мајка му била побожна христијанка, сестра на апостолот Варнава. Во нејзиниот дом се собирале христијаните за молитви, а во нејзината куќа се одржала и светата Тајна вечера на Исус со апостолите.

Му беше сопатник и помошник на Апостолот Петар, којшто во своето Прво послание го нарекува син свој, не син по тело туку по дух. Кога Марко беше во Рим со Петар, верните го замолија да им ја запише спасоносната наука на Господ Исус, Неговите чуда и Неговиот живот. Така го напиша Светото Евангелие, коешто го виде и го посведочи за вистинито и самиот Апостол Петар.

Тој го постави Марко за епископ и го испрати на проповед во Мисир. Така тој беше првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Мисир. Мисир беше сиот притиснат од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош Свети Марко успеа да го посее семето на Христовата наука низ Ливија, Амоникија и Пентапол. Од Пентапол, воден од Духот Божји, дојде во Александрија. Таму успеа да основа Црква Божја, да постави епископ, свештеници и ѓакони и сè добро да утврди во благочестивата вера. Својата проповед ја потврдуваше со големи и многубројни чуда.

Кога незнабошците подигнаа обвиненија против него, како против разорувач на нивната идолопоклонска вера, а градоначалникот почна да трага по него, тој побегна повторно во Пентапол и таму продолжи да го утврдува своето поранешно дело. После две години, Свети Марко, на голема радост на верните чијшто број во меѓувреме се умножи, се врати во Александрија. Тогаш го фатија незнабошците, цврсто го врзаа и почнаа да го влечат по калдрмите викајќи: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот ранет и искрвавен го фрлија во затвор.

Овде најнапред му се јави ангел небесен и го храбреше и го крепеше. Потоа му се јави Самиот Господ Исус и му рече: „Мир на тебе, евангелисту Мој!“ А Марко Му одговори: „И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!“ Утредента злочестивите луѓе го извлекоа од затворот и повторно го влечеа по улиците, извикувајќи го истото: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот измачен и истоштен Свети Марко изусти: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!“ и издивна. Неговите свети мошти беа чесно погребани од христијаните. Низ вековите им даваат исцеленија на луѓето од маките и од болестите.

Свети Македониј, патријарх Константинополски

Светиот Македониј, патријарх Константинополски, управуваше со својата паства од 496 до 511 година. Беше прогонет во Пафлагонија заради тоа што му се спротивстави на императорот Анастасиј I (491-518) кој ја имаше прифатено ереста на Евтихиј. Се упокои во прогонство, во 516 година. Телото негово беше погребано во Цариград, во црквата на светиот Калиник. При опелото светителот се прекрсти.

Свети Анинан епископ Александриски

Кога свети Марко стапна од коработ на копното на Александрија, обувката на едната нога му се расцепи. Тогаш виде еден чевлар и му ја даде на поправка. Шиејќи, чевларот си ја прободе со шилото левата рака и почна да му тече крв, а тој јачеше од болка. Тогаш Божјиот апостол замеси прав со својата плунка и ја намачка ранетата рака на чевларот, која со ова веднаш стана здрава.

Чевларот се восхити од ова чудо и го покани Марко во својот дом. Кога ја слушна проповедта на апостолот, Анијан (така му беше името), се крсти тој и сиот негов дом. Свети Анијан покажуваше толкаво благочестие и ревност за Божјото дело, што свети Марко го ракоположи за епископ. И овој свет човек беше вториот епископ на александриската Црква.