Православната црква денеска го одбележува споменот на Светиот апостол Симеон, Преподобен Стефан епископ Владимирски и на Преподобен Јован Исповедник
Светиот апостол Симеон
Свршеникот на Дева Марија, Јосиф, имаше брат по име Клеопа кој живееше во Ерусалим. Во неговото семејство се родија двајцата браќа Јаков и Симеон, кои подоцна еден по друг беа првите ерусалимски епископи. Свети Јаков го убија ерусалимците во 62 година, а по неговата смрт за црквата во градот се грижеше брат му Симеон. Во 70 година, кога Римјаните го нападнаа Ерусалим, епископот се повлече заедно со целата тамошна црква во градот Пела, од другата страна на Јордан. А кога Римјаните ја освоија цела Јудеја почнаа да ги гонат Давидовите потомци, за да спречат некој од нив да подигне бунт против освојувачите. Така и овој престарен човек кој тогаш имаше 120 години го доведоа под стража во Ерусалим, барајќи од него да се откаже од Христос. Старецот ги презре сите закани, ветувања и мачења и најпосле беше распнат на крст во 107 година.
Преподобен Стефан епископ Владимирски
Ученик на свети Теодосиј Печерски. Едно време беше игумен на Печерската Лавра. Многу се потруди за благочестивото устројство на монашкиот живот и за украсувањето на црквите. Но, ѓаволот распали кај монасите злоба против него, па не само што го симнаа од игуменството туку и го протераа од манастирот. Бог Кој не ги остава праведниците под долга пониженост од неправедните, го устрои животот на преподобниот Стефан така што го избраа за Владимирски епископ. Управуваше со Црквата како Божји архиереј до неговата старост. Мирно се упокои во Господа во 1094 година.
Преподобен Јован Исповедник
Игуменот на обителта на Чистите (Катари). Оваа обител беше устроена близу Никеја во времето на царот Јустин, во 6 век. Свети Јован многу пострада во одбрана на иконопочитувањето од царевите Лав и Теофил, и заврши во прогонство околу 832 година.