Се чини дека во Apple се откажале од идејата за поевтин телефон со помал екран и идната година можеме да очекуваме iPhone XE со 4,7 инчен екран и цена од околу 650 долари.
Како и минатите години, Apple во септември ќе ги претстави новите модели на Ајфон, а ако може да им се верува на гласините, не треба да се очекуваат никакви револуционерни новитети, туку само надградба на хардверот, поквалитетни камери и слично.
Но, се чини дека тоа не се единствените планови на оваа компанија за пазарот на мобилни телефони и наводно за првиот квартал од 2020-та година подготвуваат уште еден модел чиј што главен адут ќе биде цената.
Станува збор за наследникот на моделот iPhone SE кој најверојатно ќе се продава под називот iPhone XE, а ќе има помал екран во однос на актуелните модели. Додека iPhone SE имаше екран со дијагонала од 4 инчи, новиот iPhone XE според гласините ќе пристигне со екран со големина од 4,7 инчи каков што има iPhone 8.
Ќе биде интересно да се види каков дизајн ќе има овој модел и дали Apple ќе го следи трендот актуелен кај новите модели со екран од раб до раб. Доколку се одлучат за такво решение, iPhone XE би имал солидно голем екран, но помали димензии од „осмицата“.
Хардверски, можеме да ја очекуваме последната генерација на процесори на Apple (се споменува A13 bionic кој Apple би требало да го претстави исто така во септември), потоа 128 GB интерна меморија и една камера на задната и една селфи камера на предната страна.
Исто така постојат гласини дека екранот би можел да биде со големина од 5,4-инчи и би бил опремен со Face ID технологијата. За производство на овој телефон ќе биде задолжена компанијата Pegatron и се очекува Apple да нарача 20 милиони телефони.