Вчера започна 64-то издание на Евровизија кое оваа година се одржува во Тел Авив, Израел.
Македонската претставничка Тамара Тодевска заедно со нејзиниот тим веќе неколку дена е во Тел Авив каде полека се подготвува за нејзиниот настап во четврток, на втората полуфинална вечер.
Таа ќе не претставува со песната „Proud“ , а многумина се воодушевени од нејзината интерпретација.
Имено, Тамара ќе настапи под реден број 17 во четврток, а поддршка добива од нејзините пријатели, колеги, колешки кои преку социјалните мрежи ја подржуваат и навиваат за Тодевска.
„Едвај чекам. Многу сакам да видам како се тоа ќе изгледа финално. Досега пробите не беа баш направени до крај. Се надевам на нешто спектакуларно. Не сме дојдени да шетаме, имаме многу обврски.Но, тоа е убаво кога имаш поддршка од сите страни.Јас имам поддршка од цела Европа. Тоа е нешто што ме прави горда“ истакна Тамара во интервју за МРТ.
Македонскиот модел Катарина Ивановска која инаку е добра пријателка со Тамара и која исто така учествуваше во спотот за евровизиската песна замина во Тел Авив.
Катарина на својот „Инстаграм“ сподели фотографија од нејзиното пристигнување и напиша: „Тамара ние доаѓаме“.
А потоа сподели фотографија од ресторан и хотелот каде престојува во Тел Авив.
Како ќе се претстави Тодевска во четврток и дали ќе влеземе во финале останува да видие, а секако и да навиваме.
За потсетување, вчера се одржа првата полуфинална вечер, а во финале се пласираа: Грција,.Белорусија,.Србија,.Кипар, Естонија, Република Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија.