Македонската претставничка на овогодинешното издание на Евровизија во Израел, Тамара Тодевска, веќе недела и половина се наоѓа во Тел Авив и се подготвува за својот настап на втората полуфинална вечер од фестивалот која ќе се одржи утре, во четврток со почеток од 21 часот.
Тамара со својата екипа меѓу другото, вчера беше во посета на светиот град Ерусалим каде што запали свеќа за здравје и среќа, а исто така се помоли и остави порака со желби и молитва на Ѕидот на плачот.
„Во секој случај сум превозбудена. Еве, само што се вратив од плажа, бев малку да соберам убава енергија. Многу сум среќна дека вчера ми дојдоа доста луѓе од Скопје, меѓу нив и моите најблиски другарки, онака, ми се наполни душата. Многу ми е жал што Тијана не е тука. Убава енергија имаме сите, презадоволни сме од сѐ и опуштени сме, тоа е најбитно. Вечерва е многу битна таа генерална проба, за жирито кое што денеска ќе гласа, а тоа се 50 проценти од гласовите. Како и да е, среќна сум многу. Бев во Ерусалим вчера, собрав среќа од таму“, изјави Тамара за Женски магазин, која утре ќе пее 17. по ред.
Според американскиот магазин „Билборд“ Тамара може да победи годинава на Евровизија
Песната „Proud“ на Тамара би можела да победи на годинашната „Евровизија“, според американскиот магазин „Билборд“ кој ја вброи Македонија меѓу 12 фаворити на музичкото натпреварување во Тел Авив, Израел.
Како причина за можниот успех на песната на Тамара се наведува славењето на жената во време на движењето „Јас исто така“ (#MeToo), кое може да допре до многу гласачи, како и до професионалното жири на натпреварот.
– Ова ќе биде прва година во која Македонија да се натпреварува под нејзиното ново име. Земјата првпат учествуваше на „Евровизија“ во 1998 година под името Поранешна Југословенска Република Македонија. Нејзината најдобра изведба беше 12-то место на Елена Ристеска со песната „Нинанајна“, во 2006 година. Ако овогодинешната претставничка Тамара Тодевска се квалификува во финалето со нејзината песна „Proud“, која ја објави на Меѓународниот ден на жената 8-ми Март, тоа ќе биде првото појавување на Северна Македонија во големото финале од 2012 година – наведува американски „Билборд“.
Останатите песни кои се спомнуваат меѓу фаворитите за победа на тековниот избор се Чешка, Франција, Малта, Австралија, Русија, Азербејџан, Норвешка, Италија, Русија, Шведска и Холандија.
На минатогодишната „Евровизија“ победи невообичаената танц-поп песна „Toy“ на израелската пејачка Нета, додека една година претходно триумфираше сосема поинаква нумера, тивката песна „Amar Pelas Dois”, без танчери и ефекти на сцената, која ја изведе португалскиот претставник Салвадор Собрал. Друга неочекувана победа на „Евровизија“ е песната „Hard Rock Hallelujah” на финската група Лорди, група за која се пишуваше дека е спој помеѓу „Кис“ и „Ѕвездени патеки“, а меѓу изненадувачките победници се спомнува и озогласената политичка песна на Џемаја од Украина.
Ваквата разновидност на досегашните победнички песни го отежнува предвидувањето на овогодинешниот победник на најпопуларното телевизиско шоу, кое ги носи уметниците од Европа и пошироко (Австралија почна да учествува од 2015 година) под ист покрив, во финалето на песна за „Евровизија“.