Социјалните служби ја нашле мајката која завчера го оставила тукушто роденото бебе во парк во Топанско Поле голо со папочната врвца до него.
Малолетната родилка потпишала изјава дека не може да се грижи за новороденчето и се откажала од него. Не била мажена, пренесе Сител.
– И од тие причини во текот на денот на детето ќе му биде назначен старател по службена должност, и мајката ќе има рок од три месеци дали ќе ја потврди или ќе се предомисли за одлуката да се откаже од детето, изјави за Сител Наташа Станоевиќ, директор на Центар за социјални работи-Скопје.
Машкото бебе е во добра здравствена состојба и до понеделник ќе остане на Детската клиника. Потоа ќе биде сместено во згрижувачко семејство, а во меѓувреме ќе му бидат извадени неопходните документи, матичен број и здравствена книшка.
– Имаме веќе вакви искуства со тукуштородени бебиња, додаде Станоевиќ.
Доколку мајката по три месеци не се предомисли и дефинитивно се откаже од детето, тоа ќе биде дадено на посвојување.
Посвојување во Македонија. Колку деца чекаат да се усреќат?
За два и пол пати е поголем бројот на барања за посвојување од бројот на деца. Во моментот во Регистарот на можни посвоители се запишани 282
Поминува време, а месечниот циклус никако да задоцни. Одбивате да прифатите и продолжувате да се обидувате. Поминуваат месеци и месеци. Седнувате двајцата и заклучувате дека има проблем. Решавате дека е време да побарате помош. Почнуваат долги лекарски прегледи, чекање резултати, дијагноза. Неколку неуспешни инсеминации. Поминуваат месеци. Собирате документи, повторно прегледи и проверки, аплицирате за ваучер за ин витро. Чекате одговор. Рацете ви се потат додека го отворате ковертот. Конечно, две насмевки. Поминуваат месеци, силна хормонска терапија, ин витро оплодување. Солзи. Поминуваат месеци. Одново собирате документи, повторно аплицирате за ваучер. Ви одобруваат, но попусто. Телото едноставно не го прифаќа плодот.
Нема зборови што можат да ја опишат голготата на паровите кои се обидуваат да добијат дете. Ова е само пример за административните премрежиња низ кои мора да поминат. Духовната состојба на секој партнер, на секој пар е приказна за себе и тука малкумина би се обиделе да чепнат. Но, пред да се обратат до службите за посвојување, овие парови често доживеале толку измачувања и разочарувања колку што многумина не почувствувале во текот на еден цел живот.
Во моментот 111 деца чекаат родители
Во овој момент вкупно 111 деца без родители и родителска грижа во Република Македонија чекаат да им се насмевне среќата и да им го осветлат животот на овие измачени луѓе. Тие се во згрижувачки семејства, во Домот за доенчиња и мали деца во Битола или во Детскиот дом „11 Октомври“ во Скопје.
– Во моментот во Регистарот на можни посвоители се запишани вкупно 111 деца, на возраст од 4 месеци до 17 години. Од нив 21 дете се со поволни развојни потенцијали, 29 деца со лесно отстапување во психомоторниот развој, 25 со средно отстапување, а 36 деца се со тешка психомоторна попреченост – велат од службата за односи со јавноста при Министерството за труд и социјална политика.