Заев на ифтарска вечера: Рамазан е празник кој нѐ учи да создаваме заедница во која сите сме еднакви

ИЗВОРСкопје24
|

Претседателот на Владата, Зоран Заев, синоќа беше гостин на ифтарска вечера организирана од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, по повод светиот месец Рамазан.

По завршување на вечерата, премиерот Зоран Заев се обрати пред присутните, а на организаторите им се заблагодари за поканата и за укажаната чест.

„Најважниот и најсветиот месец во духовниот живот на припадниците на Исламот повикува уште еднаш да ги афирмираме вредностите на простување и сочувствување, на толеранција и на почитување на другите. Рамазан е и празник кој нѐ учи дека сите имаме должност да им помагаме на другите, да реагираме и да помагаме да се исправи неправдата, ако му е некому нанесена. Да го даваме најдоброто од себе за да создаваме заедница во која сите сме еднакви. Наша должност е да си служиме и да си помагаме едни на други“, истакна Заев.

Тој рече дека овие вредности се испреплетуваат низ сите вредносни системи на различните верски традиции во нашата земја. Тоа е големата вредност, оцени Заев, на овие наши заеднички простори во кои сме упатени едни на други зашто цврсто не поврзуваат вековните меѓусебни уважувања.

„Посебно ми причинува задоволство што вечерва сум меѓу пријатели, сонародници, со кои заеднички ги делиме сите предизвици на нашето заедничко општество. Партнерскиот однос и меѓусебната соработка што ги воспоставивме со Стопанската комора на Северо-Западна Македонија и со бизнис заедницата од овој регион е од огромно значење за успехот и исчекорот напред на нашите економски политики, во интерес на граѓаните и секако на компаниите. Тоа е здрава и стабилна основа на којашто ја поставивме нашата земја. На крајот дозволете ми уште еднаш да ви посакам преостанатите денови од постот за време на Светиот месец Рамазан да ги поминете со членовите на вашите семејства, пријателите и со најблиските, во слога и спокојство, со сите ваши соседи и пријатели, во добро здравје и духовна сила која ќе ви даде поттик во остварувањето на вашите добри дела.“, истакна Заев.

Покрај премиерот, свое обраќање имаше и претседателот, Стево Пендаровски и претседателот на стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Неби Хоџа, кој им заблагодари за присуството на сите гости. На оваа ифтарска вечер присутни беа и вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, министрите Крешник Бектеши, Дамјан Манчевски и Едмонд Адеми.