Ова е Јатко денеска – Македонецот кој се роди во авион и цел живот може да лета бесплатно

ИЗВОРСкопје24
|

Јатко е роден на 13 февруари 1978 година и ако неговото име ви делува необично, со право е така. Јатко всушност името го добил затоа што такво му го дал кумот, кој пак, замислете бил пилотот кој управувал со авионот во кој се родил малиот Јатко. Приказната е невројатна и после толку години.

Имено, за време на летот Б-707 од Југославија до Австралија, Марија Тодева од Македонија, мајката на Јактко, добила породилни болки во авионот иако била во осмиот месец од бременоста и било рано за породување. Тоа бил еден од првите такви случаи во историјата на воздушниот сообраќај.

Марија имала само 18 години. Во осмиот месец од бременоста, се качила на авионот што летал од Белград до далечниот Сиднеј. Таму ја очекувал сопругот Стојан, кој неколку месеци порано заминал за Австралија во потрага по подобар живот. Два часа пред слетувањето, започнало породувањето. Стјуардесата и стјуардот ја одвоиле младата мајка од патниците, по што ѝ помогнале да го донесе на свет нивниот син првенец.

Според кажувањата, папочната врвца ја пресекле со ножици, а дезинфицирале со виски. Така, авионот кој полетал со 106 патници, во Сиднеј пристигнал со еден патник повеќе. Веќе наредниот ден, веста за „бебето од авионот“ се појавила во сите југословенски и светски весници.

Кум на бебето бил пилотот кој управувал со летот и самиот посведочил за овој несекојдневен настан. Го крстиле Јатко, во чест на авиокомпанијата ЈАТ (сега позната како Ер Србија). Тој е единствениот човек во светот, во чие место на раѓање е запишана регистрацијата на авионот YU-AGI.

Јатко добил и доживотно право да лета бесплатно со авиокомпанијата ЈАТ, до која било дестинација во светот, но тој досега ниту еднаш не го искористил овој подарок. Можел да отпатува каде и да посака, но одлучил да остане во Австралија, каде и ден-денес живее со семејството.