Регулаторната комисија за енергетика нема да има слух и ќе ги одбие барањата на трговците, кои се однесуваат на висината на маржата и на транспортните трошоци, кога ќе ја крои новата Методологија за формирање на цените на горивата. Ова се случува и покрај тоа што РКЕ призна дека во овој вакуум период во кој компаниите сами ги одеруваа цените, тие биле коректни, а дел од нив се откажале и од својата маржа, за да не дојде до поголем ценовен пораст. Маржата со новите правила ќе биде под 4,8 денари, но според првиот човек на РКЕ, таа ќе им гарантирала разумен профит на трговците. Признава дека трошокот за транспорт низ државата, кој досега им се признаваше, бил пренизок, бидејќи е одреден уште во 90-тите, а сега тие издатоци многу пораснале. Далеки повисоки од порано се и трошоците за патарини.
Ние добивме барање од компаниите транспортниот трошок да изнесува 0,8 и 0,85 денари, ова е бизнис кој ние не го регулираме, но во изминатиов период правевме сериозни анализи, и нема да биде прифатено ниту едното, ниту другото барање. Во однос на маржата добивме барање од 6,2 , 6,5 денари и ткн. Ова се однесува на малопродажната маржа. Таа ќе биде под 5 денари, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Овој цврст став следува и по средбите кои РКЕ ги имала со нафтените компании.
Тие си ги кажаа своите барања, ние си правиме наши анализи, а ако треба да ги прифаќаме барањата на сите компании, тогаш нека нема РКЕ, секој нека си кажува какви сака цени и нека си тераат работа. Ќе направиме методологија која ќе им оцвозможува на трговците да остваруваат разумни профити, и тоа е во ред, немаме проблем со тоа“, вели Бислимовски.
За потсетување, во новиот Закон за енергетика, покрај регулирањето, една од главните цели е и обезбедување сигурност во снабдувањето и конкурентност на нафтениот пазар. Дали со ова нема да се доведе во прашање стабилноста на пазарот, ако се има предвид дека маржата не е променета преку 15 години, и трговците работеа на граница на рентабилноста? Регулаторна, пак, при носењето на новата методологија, е должна да обезбеди и нормална заработувачка на трговците, која ќе овозможи и нови инвестиции.
Новата методологија регулаторите треба да ја донесат во следните два дена, а веќе од понеделник идната недела според неа ќе ги утврдуваат цените на бензините. Тврдат дека со неа цените ќе бидат пониски од оние што се одредувале со старата, а придобивки ќе имале и граѓаните и трговците. Движењата на цените на секој дериват одделно на светските берзи и курсот на доларот ќе бидат најбитни елементи при одредување на цените со новите правила. Средната дневна берзанска цена ќе се утврдува согласно ПЛАЦ Јуропијан маркетскен, а ќе се работи со среден курс на доларорт на Народната банка. Од РКЕ велат дека ќе одредуваат максимални цени, над кои нема да може да оди ни една компанија, а трговците ако сакаат ќе можат да конкурираат меѓу себе со пониски цени. Наместо на 14 како досега, цените ќе се определуваат на 7 дена, со цел да се намали ризикот на трговците, и да прават поточни планирања.
Нина Нинеска-Фиданоска