Од први стартува електронската наплата на патарините

ИЗВОРСкопје24
|

На патарините долж Коридорот 10 – Романовце, Отовица, Сопот, Стоби, Гевгелија, но и на патарините Петровец и Миладиновци кај Скопје, од средината на следниот месец возачите ќе можат електронски да платат патарина. Системот е целосно воспоставен.

„Од овде е завршено, комплетно е доставено до институциите и очекувам во најбрз можен рок до почетокот на сезоната тоа да функционира“, рече Зоран Китанов, директор на Јавно претпријатие за државни патишта.

Во меѓувреме тече тендерот за модернизација на патарините од Коридорот 8 со пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој. Директорот вели дека до крајот на годината електронски возачите ќе можат да платат патарина и на двете нови патарини кои ќе треба да се постават на автопатот Миладиновци – Штип. Смарт-картички ќе има и на патарините кај Глумово, двете кај Тетово и кај Гостивар. Со овој тендер е вклучена и патарината на автопатот Кичево – Охрид која ќе почне да функционира кога ќе биде готова оваа делница, пренесува Алсат.

ВУЧИЌ ГО ОТВОРИ АВТОПАТОТ ШТО ГИ ПОВРЗУВА СРБИЈА И МАКЕДОНИЈА

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, пред 4 дена пристигна во Грделица, на локацијата Косина 2, на последната и најсложена делница од автопатот на јужниот крак од Коридорот 10, пренесе агенцијата „Танјуг“.

– За автопатот на Коридорот 10 се чекаше најмалку 30 години и тој сега е завршен. Во прашање беше најтешкото градилиште во Европа, на делница од 26,3 километри. Имаме 33 моста, меѓу кои и највисокиот мост „Врла“ и два најдолги тунела Предејане и Манајле. Голема работа е направена, го поместивме магистралниот пат, отстранивме 600 илјади кубни метри камен, зад нас се многу тешки интервенции и огромна работа – изјави српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ Михајловиќ.

Патувањето низ Коридорот 10, во кој спаѓа и македонскиот дел од автопатот, ќе биде многу олеснет за сите што патуваат во овој дел од Европа.
Изградбата на делницата низ Грделичката Клисура се смета за градежно ремек-дело, за што беа потребни неколку години поради исклучително тешката конфигурација на теренот.

Според агенцијата, овој дел од патот во минатото предизвикал многу проблеми, а на истиот се изградени дури 36 мостови и два најдолги тунели.

Вучиќ во придружба на членови на српската Влада и претставници од медиумите, со отворени автобуси направија обиколка по оваа делница која вечерва во 20 часот е официјално отворена за сообраќај.

Со претседателот на Србија, пристигнаа и премиерката Ана Брнабиќ и членови на владата, како и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.

Вучиќ на обиколката на јужниот крак од Коридорот 10, истакна дека важно е оти Србија има целосна стабилност на јавните финансии за да може да гради патишта, бидејќи сама ги финансира зафатите.