„Нефа мебел“ ги затвори сите продавници во Србија и Македонија и избега со парите – „Само во Гостивар сме 160 ограбени клиенти“

ИЗВОРСкопје24
|

Мали се шансите дека купувачите ќе си го добијат платениот мебел, откако српско-руската фирма за мебел „Нефа мебел“ завчера без најава ги затвори сите продавници во Србија и Македонија. Руската компанија „Спилит“ која го призведува мебелот што го продава „Нефа“, пред два дена преку ноќ побегна од Врање и Самобор и остави долгови и 550 работници без работа во фабриката и 34-те продавници низ Србија, објавија српските медиуми.

„Нефа мебел“ во Македонија има десетина продавници низ целата земја. Последната продавница во Скопје, во ГТЦ, е отворена пред точно една година, во мај лани, но од завчера сите се затворени и никој не се јавува на телефон.

„Само во Гостивар сме 160 ограбени клиенти, па ова е организиран криминал“, вели еден од купувачите во коментар на текстот за измамата на „Нефа мебел“ на фејсбук страната на САКАМДАКАЖАМ.МК. Има и коментари на измамени купувачи од Струмица и Скопје.

Во Македонија, компанијата има 3 продавници во Скопје – во Сити мол, Капитол Мол и ГТЦ, и во Велес, Гостивар, Прилеп, Битола, Тетово. Но вчера попладнето сите одеднаш затвориле, а купувачите велат дека продавачите кои биле внатре не можеле да им дадат информации како да ги добијат нарачките.

„Нефа мебел“ била привлечна со особено ниските цени на мебелот, како и дополнителните попусти кои последно биле дадени на изминатиот саем за мебел минатиот месец.

Српски „Блиц“ пишува дека во белградските продавници мебелот е веќе разграбан од вработените за кои тоа било единствениот начин да си ги надоместат неисплатените плати, а сè што има во главниот магацин го запленил сопственикот на изнајмениот простор бидејќи Русите не му платиле закуп.

Целиот текст прочитајте го на Сакам да кажам ТУКА.