Земјотрес почувствуван во Македонија

ИЗВОРСкопје24
|

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид,Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера во 03часот и 51 минути регистрирше земјотрес, чиј епицентар се наоѓа 13km северозапазно од Пехчево.

Неговата Рихтерова магнитуда изнесува 2.3, а беше почувствуван од населението во Пехчево, Берово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

Која е причината за чести земјотреси во Македонија и на Балканот?

На територијата на Република Македонија, но и во поблиското опкружување, беа забележани десетина релативно слаби до умерени земјотреси, пишува д-р Ивица Милевски на ИГЕО портал.

Тој ги анализира земјотресите кои пред неколку месеци ја потресоа Македонија и беа почувствувани во повеќе градови. Тогаш во рок од 24 часа, во јужниот дел на Балканскиот Полуостров се забележани околу 30-40 слаби до умерени земјотреси. Се поставува прашањето за причините на таква серија на земјотреси и нивна честа појава во јужниот дел на полуостровот, а секако и на територијата на Македонија.

„Регионот на Средоземјето (Медитеранот) сеизмички е доста активен поради судирот на Африканската и Евроазиската континентална плоча. Имено, огромната Африканска континентална плоча („носејќи“ го целиот континент Афрка) се движи кон север со брзина од околу 4-10 мм годишно, при тоа судирајќи се со Евроазиската плоча (на која лежат Европскиот и дел од Азискиот континент). Овој судир започнал пред околу 50 милиони години и е поврзан со „затворањето“ на некогашното големо море Тетис од кој денес останало Средоземното Море. Причините пак за ваквото движење и судири на цели континенти (други пак како Африка и Америка се оддалечуваат), лежат во кружните движења на магмата (врз која лежат континентите) под земјината кора“ – пишува тој.

Понатаму објаснува дека најсилна сеизмичност во Медитеранскиот регион со појава на катастрофални земјотреси е забележана во јужниот дел на Егејско Море (јужна Грција) од Пелопонез до Крит, потоа долж Северно-Анадолискиот расед во северозападна Турција и долж Калабриската зона во јужна Италија. Во овие подрачја се забележани многу силни земјотреси, како оној од 1903 година во Китера (проценети 8,2 степени по Рихтер), потоа земјотресот од 1926 година на Родос (7,8 степени по Рихтер-најсилниот инструментално забележан земјотрес во Европа), како и катастрофалниот земјотрес од 1999 година во Измит кај Истанбул (7,6 степени по Рихтер, кога загинаа повеќе од 17000 луѓе). Заради силниот судир на овие огромни континентални плочи (и неколку помали како Арабиската, Малоазиската и сл.), засегнат е и Балканскиот Полуостров.

„Тој е „раздробен“ на помали блокови, од кои некои се „нестабилни“ и од време на време ќе се затресат или занишаат за да постигнат привремена стабилност. На такви релативно нестабилни блокови, во Република Македонија лежат Валандовската, Скопската, Дебарската, Дојранската Котлина, Битолско-Демирхисарскиот дел (со блоковите на Илинска и Плакенска Планина), Влаинскиот блок и други. Всушност, поради притисокот од двете големи тектонски плочи, територијата на нашата држава е „раздробена“ со бројни длабински пукнатини-раседи и блокови, а погоре споменатите се изразито нестабилни. Во нашето опкружување пак, освен егејските тектонски блокови (раседи) во Грција, изразито нестабилни се Косовската, Софиската, Струмската (посебно Кресненска) и други во соседството. Потврда за тоа се и силните земјотреси во овие подрачја кои достигнале и до 7 степени по Рихтер (Пехчево-Кресна), односно и до 10 степени според Европската макросеизмичка скала. За утеха е што најголем дел од територијата на Македонија се наоѓа во зоната на умерена сеизмичност, а единствени силни сеизмички центри се во Пехчевско (7,5 степени магнитуда), Валандовско (7 степени), Дебарско (6,8 степени), Скопско (6,5 степени) и Битолско-Демирхисарско епицентрално подрачје (6 степени максимална очекувана магнитуда)“ – наведува професорот.

Објаснува дека големината на очекуваната максимална магнитуда не мора да корелираат со појавените штети и уништувања, што пак зависи од начинот и квалитетот на градба, поставеноста на објектите и инфраструктурата, начинот на домување и слично.