Научници поставиле камера во дивина и снимиле албино панда, единствена на светот

ИЗВОРСкопје24
|

Албино џиновската панда била снимена како шета низ една бамбусова шума во Кина, а таа е прва која некогаш е видена во дивината, истакнуваат научниците.

Фотографиите биле направени од инфрацрвена камера во април, во прашумите на кинескиот природен резерват Волонг во Сичуан. Ли Шенг, истражувач од универзитетот во Пекинг изјавил за “CNN” дека досега во дивината никогаш не била снимена потполно албино панда.

Експертите наведуваат дека животното не е постаро од две години.

“Пандата изгледаше силно, а нејзините чекори беа стабилни – знак дека генетската мутација можеби не целосно ѝ го отежнала животот”, изјавил Ли.

Засега не е познат полот на пандата, а научниците рекле дека ќе се потрудат да постават уште камери за да го следат нејзиниот развој и односот со другите панди. Животните со албинизам – кој е резултат на недостаток на меланин, често се под поголем ризик од предатори во дивината бидејќи полесно можат да се воочат и имаат послаб вид, пишува “National Geographic”.

Според Меѓународната унија за зачувување на природата, џиновската панда е загрозен вид, а во природата останале уште 1.864 единки.