Иврит Тејлор има само 29 години, но зад него стои технолошко-маркетиншко деловно царство кое го градел во последните десетина години.
Тој веќе два пати досега се нашол на листата “30 под 30” на Форбс, посветена на младите успешни претприемачи, но неговиот пат воопшто не бил лесен.
Секако, не е лесно да се изгради успешна компанија од ништо, но патот на Тејлор до деловното царство делумно го одбележал и фактот дека тој на само 17 години останал бездомник, а раното детство го поминал опкружен со банди и улични конфликти.
Имал само 7 години кога за првпат бил сведок на пукање, раскажал во разговор со претприемачот Џерард Адамс.
Младиот сериски претприемач изјавил за “Business Insider” дека благодарение на проектот “ArtX” верува дека ќе ја трансформира индустријата на уметноста. Станува збор за дигитална платформа која на уметниците, со помош на вештачка интелигенција, би требало да им помогне нивните дела да допрат до пошироката јавност, да ја градат и зајакнуваат својата публика и поефикасно и поуспешно да ги продаваат своите дела. Тејлор се водел од личните мотиви кога ја покренал оваа платформа:
“Одев во галерии и луѓето не ме забележуваа и не разговараа со мене. Сакав да купам уметничко дело, но ме избегнуваа”, го споделил своето искуство, додавајќи дека се случувало и галериите да го одбијат кога посакувал нешто да купи.
“Да не бев веќе одредена личност, воопшто не би имал пристап до тие дела. Просто помислив колку е тоа недемократски и нефер”, истакнал Тејлор.
Токму затоа, неговата платформа им нуди простор токму на оние неафирмирани и потценети уметници кои не би можеле да го пронајдат своето место во традиционалните галерии. Освен тоа, сака секој кој го интересира некое дело или уметнички правец, да може на достапен начин да дознае нешто за истото, независно од тоа колку е стручен во тоа поле.