ВО ЖИВО: Обраќање на Вучиќ пред парламентот!

ИЗВОРСкопје24
|

Растат тензиите на северот на Косово по акцијата на косовската полиција утрово во регионот населен претежно со Срби. Повеќе лица се уапсени, а најмалку двајца косовски полицајци се повредени. Според официјалното соопштение, акцијата била финале на повеќемесечна истрага на кри*инални групи вмешани во шверц, злоупотреба на функцијата и илегална трговија. Косовската полиција се соочила со отпор, особено во општината Зубин Поток, каде бил уапсен еден полицаец, етнички Србин. Локалните Срби потоа го блокирале патот, а полицијата успеала да се пробие.

Српската државна телевизија јавува дека косовските специјални сили „упаднале“ во северно Косово. Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја потврди полициската акција и вели дека се работи за „антишверцерска операција против организираниот криминал“.

„Операцијата е насочена против организираниот крим*нал, како и против полицајци и цариници“, напиша Харадинај на Твитер и повика на смиреност.

Претставникот на српската влада Марко Ѓуриќ изјави дека акцијата на косовската полиција има за цел заплашување и протерување на Србите од Косово и претставува „не само закана за стабилноста, туку и најдиректна закана за мирот:“

„Доколку не сопре веднаш, нема дилеми како ќе реагира Србија во текот на денот,“ предупреди Ѓуриќ.
Според српската државна телевизија, претседателот Александар Вучиќ наредил целосна борбена готовност на српските трупи стационирани околу границата со Косово.

Во понеделникот вечерта, на специјална сесија на парламентот посветена на односите со Косово, Вучиќ предупреди од нови судири доколку не се најде „компромисно“ решение за поранешната српска покраина.

„Србија мора да прифати дека ја загуби контролата врз Косово… и да бара компромис за нормализација на односите со Приштина“, рече Вучиќ пред парламентот.

„Треба да признаеме дека сме поразени. Ја загубивме територијата“, дополни српскиот претседател. Според него, пред Белград се две опции: да се нормализираат односите преку договор или да се одржува замрзнат конфликт. Тој потврди дека какво и да е конечното решение, за него ќе се изјаснат српските граѓани на референдум.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пристигна во Собранието каде ги извести пратениците и граѓаните на Србија за најновите случувања во Косово и Метохија.

Претседателот изјави дека веќе се предупредени дека албанските сили припремаат апсења под изговор за борба против криминалот и дека тоа ќе донесе огромен страв кај српскиот народ.

“Утрово пред 6 часот започна таа операција и досега упаднаа на територијата на северот на Косово со 73 возила и уште 50 возила во јужна Митровица, 15 на територијата на општина Србица, додека 8 се веќе упатени преку брдата на територијата на општината Зубин поток. Досега имаме потврдено апсење на 23 лица од српска и бошњачка националност на територијата на три општини – Зубин Поток, Косовска Митровица и Лепосавиќ”, изјавил Вучиќ и додал дека до конфликтот дошло во местот Вараге и во клисурата пробиле три барикади на албанските специјалци.

Претседателот додал и дека има докази дека Албанците пукаат врз Србите, но дека Србите немаат никакво оружје.

“Стапив во контакт со бриселската администрација, ги запознавме со ситуацијата и тие нѝ соопштија дека во тек е полициска акција против криминал и корупција. Секако, тие ќе уапсат уште 5 полицајци од албанска националност за изгледа дека ваквата акција е против криминалот, а целта е всушност да се заплашат Србите. За првпат почувствував доза на вознемиреност дека ваквите акции можат да продолжат”.

Александар Вучиќ изјавил пред пратениците дека стапиле во контакт со НАТО, но дека тие не можат да се мешаат во оваа ситуација:

“НАТО нѝ соопшти дека денешната акција е борба против корупција и криминал и тоа е сè што можеа да нѝ кажат. Повикаа да се смириме и да сфатиме дека станува збор за акција за борба против корупција. Доволно нѝ е јасно за какво лицемерие станува збор и утрово наредив полна борбена готовност. Свесни сме за сè што се случува и ќе продолжиме да работиме на зачувување на мирот и стабилноста”.

По обраќањето на претседателот, Собранието на Србија ја продолжи седницата на чиј дневен ред е разгледување на извештаите за Косово и Метохија. Александар Вучиќ побара од западните политички центри да ја “скротат” Приштина и стави до знаење дека Србија нема да дозволи етничко чистење на Косово.

Видеото погледнете го ОВДЕ.