ЈСП воведува новини за граѓаните кои користат картичка „Скопска“

ИЗВОРСкопје24
|

ЈСП Скопје најавува воведување на билет за едно возење.

Оваа новина од претпријатието ја најавуваат веќе подолго време, но се уште граѓаните кои ретко го користат јавниот превоз или се од градовите од внатрешноста, а во Скопје доаѓаат по потреба, мораат да си набават картичка за десет возења, односно неперсонализирана картичка „скопска“, или пак, да платат со мобилен телефон. Но, во најнеповолна ситуација се сепак туристите кои ги има во се поголем број во македонската метропола, а кои бидејќи немаат телефони со македонски броеви, не се во можност да користат ниту една од опциите за возење во јавен градски превоз.

Раководството на ЈСП Скопје во повеќе наврати досега најавуваше решавање на овој проблем кој го предизвика електронската наплата, но решението се одолговлекува, како што велат од таму поради тендерската постапка за избор на фирма која ќе го направи билетот за едно возење.

Во јавниот повик стои дека носителот на набавката ќе треба да изврши потребана надградба и прилагодување на постоечкиот Систем за електронска наплата на билети (AFC) со цел да овозможи воведување во употреба на нов продукт во форма на хартиен електронски билет за едно возење. Овој билет ќе биде наменет само за еднократна употреба и не треба да биде достапно повторно вчитување од било кој вид.

Носителот на набавката треба да ги изврши сите потребни надградувања и подесувања на системот и имплементираната опрема, што ќе резултира со целосно заокружено и функционално решение кое е подготвено за експлоатација. Во рамките на оваа надградба, носителот на набавката на договорниот орган ќе треба да му испорача количество од 300.000 хартиени електронски билети за едно возење чија цена се уште не се соопштува.

Паралелно ќе биде извршена и надоградба на системот за електронска локација на возилата кој ќе овозможи попрецизно и визуелно информирање на граѓаните со цел полесно планирање на патувањето.

Тоа значи дека ќе се имплементира и напредна апликација за смарт-уреди со кои на граѓаните ќе им се овозможи максимална флексибилност при користење и купување на услугите на ЈСП.

Граѓаните во моментов картичките Скопска можат да ги надополнуваат само во билетарите на ЈСП и во трафики и продавници низ Скопје. Неодамна директорот Чушков рече дека со пристигнувањто на новите автобуси граѓаните ќе имаат повеќе поволности и бенефити, освен што ќе се превезуваат поголем број патници, во новите автобуси ќе има и валидатори за картичките на најмалку две места во возилото, за разлика од сегашните автобуси кои имаат валидатор само на предната врата.