Порталот “Index.hr” издвои неколку интересни статистики за државите од поранешна Југославија.
Се поставува прашањето колку можеме да ѝ веруваме на статистиката и колку таа ги отсликува реалните работи. Еве што вели статистиката креирана во далечната 1984 година:
– Во Словенија, основниот доход бил најголем, а бројот на неписмени лица бил најмал.
– Во Босна и Херцеговина, жителите најмалку пиеле вино.
– Во Србија имало најмногу телефони.
– Македонија имала најмногу трособни станови и најмлади невести и младоженци.
– Во Црна Гора, повторно по статистика, имало најмало враќање на иселениците од странство и најмногу испиено млеко.
– Хрватска можела да се пофали со најголем број на доктори специјалисти на 1000 жители и најмногу автомобили.
– Во Војводина имало најголем број на разводи.
– На Косово била најголема стапката на вработеност и имало најнизок личен доход.
– Новата 1984 година ја дочекале 22,895.900 Југословенци, со што се сместиле на осмото место во Европа.
– Во тоа време, 95 отсто од становите биле електрифицирани, повеќе од две третини биле приклучени на водовод, секој втор стан имал купатило, а дури секој 27-ми бил без инсталација.
– Од првиот попис бил зголемен бројот на вработени, но бил намален бројот на оние кои се занимавале со земјоделство.
– Статистиката вели дека во 1984 година работеле над 6,5 милиони Југословенци, а 903.000 биле во потрага по работа – единаесет пати повеќе отколку во раните педесетти години.
– Во 1984 година имало 1,790.900 неписмени од кои речиси милион биле жени.
– Луѓето се лекувале подобро од претходно, а статистиката вели дека имало по еден доктор на помалку од 1000 жители.
– Што се однесува до рекреацијата, секој деветти полнолетен Југословен и секој четврт малолетен Југословен избирал физичка рекреација наместо куќни посети, хобија или кафеани. Тоа секако важело само за време на викендите.
– Од 1948 година, пет пати се зголемила посетата на театар.
– 6,5 милиони Југословенци секојдневно гледале ТВ програм, а повремено им се приклучувале уште 2,5 милиони.