Херои, златни момци, ракометарите на Вардар се европски шампиони втор пат во три години, во финалето го победија Веспрем со 27:24 и повторно седнаа на највисокиот континентален престол.
Ракометарите на Вардар се нови европски шампиони, откако во финалето на завршниот турнир во Лигата на шампионите, во Келн славеа над унгарскиот Веспрем со 27:24
Ова е втора европска титула за Вардар, претходно се искачија на покривот на Европа во 2017 година, откако во финалето на Ф4 турнирот во Келн славеа над ПСЖ.
Ракометарите на Роберто Парондо се посилни од сите проблеми, тие се вистински херои. Во финалето го надиграа Веспрем, водеа во текот на целиот меч и сосема заслужено се радуваат на нов голем, огромен успех.
По синоќешната неверојатна победа против Барселона, денеска на колена пред Вардар падна и Веспрем, овој пат на еден друг начин. Црвено-црните ракометари доминираа во првото полувреме, имаат пад во второто но се кренаа кога беше најпотребно и победија.
Натпреварот само во првите минути беше изедначен кога се играше гол за гол, потоа Вардар се одлепи, дојде и до предност од шест голови разлика, а на полувремето замина со водство од 16:11.
Во второто полувреме Давид Дејвис на голот го стави Штербик и тоа веднаш се почувствува. Веспрем тргна фуриозно, Вардар за десет минути даде само еден гол. Унгарскиот тим намали на еден гол разлика. Беше неизвесно, мачно полувреме, но кога најмногу требаше вардаровите ракометари го вратија фокусот и го приведоа натпреварот во победнички финиш. На крајот славеа со 27:24.
Гледајте го во живо подигнувањето на пехарот на следниот линк:
http://allfootballvideo.com/arena-sport-1