Кoментаторот со солзи за Вардар: Ова е бајка со која родителите во Македонија треба да си ги успиваат децата наредниве 50 години

ИЗВОРСкопје24
|

Коментаторот на Арена, Сретен Рашковиќ со многу емоции раскажа како го доживеал завршниот турнир во Келн.

-Животот пишува романи, бајки, додека ги коментирав последните пет минути, се трудев да споредам што направи Лестер, што се случи во кошарката и кога… Можеби сум субјективен, но за мене ова е епска приказна, нешто со што скопјаните и Македонците треба да ги успиваат своите деца во наредните 40-50 години, ова искрено го кажувам, ми се полнат очите со солзи, но животот пишува драми, вели Рашковиќ за МКД.мк и додава:

„Сега се прашувам што ќе се случеше ова да го направеше српски клуб, можеби ќе умрев таму. Но ќе беше тоа многу посилно од ова, ќе беше посилно, но не многу. Се врзав за овој Вардар“.

Инаку, ракометарите на Вардар попладнево во 18.50 часот ќе слетаа во Скопје. Град Скопје за ракометарите обезбеди чартер лет за кој од буџетот ќе бидат одвоени 39.500 евра.

Како што најави градоначалникот Петре Шилегов на Плоштадот Македонија ќе се организира дочек на ракометарите за што се одвоени 2 милиони денари, а ракометарите од Градот ќе бидат наградени со 6 милиони денари. Во Скопје заедно со ракометарите ќе пристигнат и двајцата коментатори од Арена Спорт кои ги освоија нашите срца.

Ракометарите на Вардар вчера по вторпат ја освоија титулата европски првак откако во финалето на завршниот турнир во Келн го совладаа Веспрем со 27:24, во ситуација кога повторно, како и пред две години, им беше давана етикета на аутсајдер.