До среда дожд и грмежи, од петок стабилизирање на времето

ИЗВОРСкопје24
|

Управата за хидрометеоролшки работи за попладне најавува нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи, повремено засилен ветер и појава на град. Максималната температура ќе се движи од 16 до 26 степени. Слично време со краткотраен дожд и грмежи се очекува и во Скопје каде максималната температура ќе достигне до 24-тиот степен.

Променливото и нестабилно време ќе се задржи до среда. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилни врнежи, грмежи и појава на град. Стабилизирање на времето и значителен пораст на температурата се очекува од петок и за време на викендот кога максималните темепратури ќе се искачат до 36-тиот степен.

Под влијание на исклучително влажна и нестабилна воздушна маса во изминатите часови во поголемиот дел од државава се разви интензивен развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, силни грмежи, засилен ветер и локална појава на град. Град повторно пустошеше во Драчево и околината и токму таму земјоделците пријавија многу штети врз земјоделието, потоа интензивен развој на нестабилност имаше и во Скопската котлина каде е регистрирана локална појава на град, град е регистриран и во Дојран и во Гевгелија. Понатаму останува нестабилно облачно со локална појава на пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на град а вакво време очекуваме и во текот на следните денови со што повторно постои опасност од локално невреме проследено со град и локални поплавувања.

Поради значителен продор на потопла воздушна маса од југ во следниот период очекуваме позначителен пораст на температурите на воздухот.

Инаку за само неколку часови во Пожаране наврнаа 28 л/м2 воден талог, потоа во Виница 24 л/м2, Скопје 22 л/м2, и во Прилеп и во Штип 20 л/м2 додека пак во Охрид наврнаа 16 л/м2 воден талог.