ВАЖНО СООПШТЕНИЕ ОД ЈСП: Нов возен ред од понеделник, нема да важат бесплатните месечни билети во текот на летото

ИЗВОРСкопје24
|

Возилата од јавниот превоз ќе сообраќаат по летен возен ред, од понеделник 10 јуни информираат од ЈСП.

ЈСП информира дека поради завршувањето на учебната година, бесплатните билети за учениците нема да важат за време на летниот распуст.

Бесплатните билети на учениците од основните училишта ќе важат до 10 јуни, а на средношколците до 20 јуни.

„ЈСП Скопје нуди можност основците/средношколците (не важи за средношколците кои сега завршуваат четврта година) по повластени цени да купат месечен билет за јули и август по цена од 600 денари за еден месец. За купување т.н. сезонски билет за ученици, неопходно е лицето да приложи потврда дека е ученик и да достави книшка на увид. Бесплатните студенстки билети ќе важат и за време на летото“, се вели во соопштението.

Привремен сообраќаен режим на улицата „Димитрија Чуповски“

Градот Скопје ги известува граѓаните дека почнувајќи од денеска, но и утре на улицата „Димитрија Чуповски“, во центарот на градот, е воведен привремен сообраќаен режим поради изведување градежни работи.

Поради асфалтирање на улицата „Димитрија Чуповски“, на потегот од раскрсницата со булеварот „ВМРО“, до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“, од денеска од 7 часот наутро па до 7 часот во недела ќе бидат затворени за сообраќај три коловозни ленти, и тоа: две ленти во правец Центар – студентски дом „Кузман Јосифовски Питу“ и една лента во правец дом „Кузман Јосифовски Питу“ кон Центар. Возилата што се движат од Центар кон „Кузман Јосифовски Питу“ ќе мора да вртат десно на крстосницата на булеварОТ „ВМРО“ со улицата „Димитрија Чуповски“ и да возат кон булеварот „Партизански одреди“. Возилата што се движат од домот „Кузман Јосифовски Питу“ кон Центар ќе се движат во една лента, крајната десно.

Исто така, возилата што се движат по улицата „Васил Главинов“ кон крстосницата со улицата „Димитрија Чуповски“ ќе можат да одат право кон булеварот „ВМРО“ и лево кон Центар. Вртењето во десно, за нив ќе биде забрането.

Во сабота пак, со почеток во 7 часот наутро до 7 часот в недела ќе бидат затворени три коловозни ленти на улицата „Димитрија Чуповски“, и тоа: две ленти во правец кон студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу – Центар и една лента во правец Центар – студентски дом „Кузман Јосифовски Питу“. Возилата што се движат од Центар кон „Кузман Јосифовски Питу“ ќе се движат по една коловозна лента, а возилата што се движат од „Кузман Јосифовски Питу“ кон Центар ќе вртат лево или десно по булеварот „Свети Климент Охридски“. Исто така, вртењето во десно од булеварот „Свети Климент Охридски“ кон улицата „Димитрија Чуповски“ ќе биде забрането, односно возилата ќе продолжуваат да се движат право по булеварот.

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја проспособат брзината на движење на условите на патот.