Сите што ја следат естрадната сцена, а тоа е цела една армија од луѓе не само во Македонија туку и ширум поранешна Југославија, како и во Европа и светот, многу добро ја памтат кралицата на ромската песна Есма Реџепова-Теодосиевска. За Есма е познато и тоа дека имала посвоено и 47 машки деца кои ги извела на музички и животен пат, но меѓу нив и само едно девојче кое потоа израснува во вистинска убава девојка и извонредна пејачка. Станува збор за Елеонора Мустафовска од македонско Кратово, објавува Вечер.
Како што пишува „Вечер“ таа денес, а после многу настапи, интерпретации и концерти, својата соло кариера ја продолжува под новото, уметничко име Малиша.
Името го прифаќа од преголемата љубов што ја има кон својата внука, но и по иницијатива на г. Симеон Атанасов, посинокот на славната Есма и единствениот правен наследник на уметничкото дело на нашата музичка кралица Реџепова. Кога Есма за првпат ја слушнала Малиша во живо како пее не можела да не биде бесконечно радосна.
За навек ќе остане во сеќавање тоа последното, но вредно кажување со кое Есма на Малиша ѝ ја искажа својата воодушевеност: “Сакам да продолжиш со својата соло кариера! Конечно те најдов! Ти ќе бидеш и мојата ќерка, бидејќи имам само синови, затоа сум среќна и како мајка и како пејачка…. Открива Малиша за “Вечер“ и vecer.press.
“Кај тебе има сè што треба да поседува една врвна интерпретаторка за светски музички сцени“, се последните зборовите кои ѝ ги кажала Есма на Малиша, а еве се покажува во пракса дека тоа навистина е така.
Како член на Есмас-Бенд Малиша, има учествувано на голем број светски реномирани фестивали: Сигет – Будимпешта, Унгарија; Вомад Касерес Шпанија, Мавацин фестивал – Рабат, Мароко, Нортх Сеа Џез фестивал – Ротердам, Холандија…
Во 2010 година со Есмас-Бенд учествува на Скопскиот фестивал, каде што има забележителен настап, а во 2013 година Малиша е еден од пратечките вокали на Евросонг, во Малме – Шведска, кога Македонија ја претставуваше кралицата Есма Реџепова (со Лозано).