Сметководството и неговото значење како професија во развојот на економијата на една земја е од непроценливa важност. Сметководството е основа за изготвување на финансиските извештаи за компаниите и познато ни е на сите од каква важност се сметководствените извештаии и тоа како за корисниците на услугите така и за општествената заедница, државата, банките и инвеститорите.
Во интервју за Економист.мк, Благоја Грозданов, истакнат сметководител, член на Надзорен одбор на Институтот за сметководители и овластени сметковдители (ИСОС) зборува за состојбата во професијата, предизвиците и можностите за напредок на оваа значајна дејност. Вели дека неопходно е да се воспостави ред во фелата,во спортивно податоците од финансиските извештаи ќе се со низок квалитет, ќе следи даночна евазија, сивата економија ќе цвета и за кусо време никој нема да сака да врши сметководствени работи поради дисбалансот на одговорностите и обврските од една страна и наградите од друга страна.
Економист: Можете ли да ни појасните кои се задачите и функциите на Институтот?
Грозданов: ИСОС е создаден согласно ЗВСР, со главна цел унапредување на професијата и заштита на интересите на оние кои својата егзистенција ја обезбедуваат вршејќи сметководствени работи. Институтот има законски пропишани обврски но сметам дека убедливо најважните цели на ИСОС мора да се заштита на интересите на сметководителите, унапредување на професијата и подобрување на состојбата на сметководителите во рамки на нашето општество.
Бидејќи со носењето на ЗВСР конечно се озакони оваа професија која има екстремно големо значење за државата, ИСОС треба да делува и во насока на искоренување на сивата економија во дејноста, така што само оние колеги кои ги исполнуваат законски пропишаните услови за вршење на дејноста ќе може истата да работат.
Економист: Сметководителите несомнено се значајна алка која ги поврзуваат деловниот сектор со банките и државните институции. Задоволни ли сте од позицијата која сметководството како професија ја има денес?
Грозданов: Апсолутно не. Сметководството е нервниот систем на една економија а професионалците кои секојдневно ја вршат оваа работа се во крајно подредена позиција во споредба со колегите од низа други интелектуални дејности: ревизори, проценители, адвокати, вешти лица, нотари и сл.
Потребно е да се преземат низа мерки од страна на надлежните институции за подобрување на состојбите во фелата. Во пракса постои една крајна неизбалансираност измеѓу наметнатите обврски на професијата кои делумно потекнуваат директно од одредени законски решенија, а делумно од практичната примена на законски одредби и правата кои професијата ги има и заштитата која ја добива од оние кои се најголеми корисници на податоците од сметководствените извештаи.
Еден просечен сметководител во својата работна недела ќе мора да изврши низа наметнати обврски со кои веројатно ќе дојде во контакт или ќе треба да состави извештаи за централниот регистар, управата за јавни приходи, државниот завод за статистика, народната банка, агенцијата за вработување, фондот за здравствено осигурување, комерцијалните банки и сл.
На сите овие наметната обврски мора да се стави контратежа, односно да се постигне баланс меѓу правата и обврските. Сите институции кои се крајни корисници на извештаи кои очекуваат да ги добијат од сметководителите мора да ја препознаат важноста на професијата и заедно да работат на нејзина заштита и издигање.
Во спротивно ќе се соочиме со реалноста на ситуацијата многу брзо. Без ред во фелата податоците од финансиските извештаи ќе се со низок квалитет, даночната евазија голема, сивата економија ќе цвета и за кусо време никој нема да сака да врши сметководствени работи поради дисбалансот на одговорностите и обврските од една страна и наградите од друга страна. Всушност, набрзо оваа професија која демографски гледано и онака е „стара“ ќе стане дефицитарна. Онака како што сега се одвиваат работите, не познавам млад човек кој би сакал да ја работи оваа работа.
Економист: Каде го лоцирате проблемот за нефункционалноста на Институтот и гледате ли излезе од моменталната состојба?
Грозданов: Преку воведувањето на регистрите на сметководители, овластени сметководители, трговци поединци и трговски друштва кои вршат сметководствени работи ИСОС треба да се бори и против сивата економија во дејноста.
Но за тоа да се случи ИСОС мора да е функционален и да располага и со механизми за борба против сивата економија во дејноста. Сметам дека едноставно водење на регистри на вршители на сметководствени работи не е доволно. Потребен е контролен механизам при финансиското известување, односно поднесувањето на годишните сметки и финансиските извештаи кој ќе осигура дека само лиценцираните сметководители кои се впишани во соодветните регистри смеат да ги доставуваат овие извештаи до надлежните институции.
За да се преземат оперативни мерки и да се зачекори кон воспоставување на ваквите механизми неопходен е функционален ИСОС со управи органи кои работат во насока на заштита на интересите на фелата а не во насока на промоција на лични интереси. Во моментов сме во една апсурдна ситуација во која управните органи кои се отповикани од членството не може да бидат заменети во пракса се додека не се добие писмено позитивно мислење од страна на министерство за финансии согласно со Законот.
Сметам дека главниот проблем е токсичниот микс од државниот интервенционализам кој е застапен во Законот за вршење на сметководствени работи и комплетното отсуство на волја за комуникација на надлежните институции со ИСОС.
ИСОС на крајот на денот е граѓанско здружение формирано со Закон и како и кај секое здружение треба да се раководи од интересите на членството. Надзорната функција која Министерството за финансии согласно Законот ја има во поглед на функционирањето на ИСОС треба да е само во доменот на проверка на исправноста на спроведените постапки за избор на членовите на органите на ИСОС а не и во доменот на изборот на лицата кои треба да ги иполнуваат тие функции.
Во моментов министерството за финансии е глуво и немо за барањата на фелата и се однесува како ИСОС и законското решение за регулирање на фелата кое потекнува токму од министерството да не постојат. Ваквиот однос е крајно деструктивен и на штета на професијата и целата држава. Навистина не ми е јасно како државата не го препознава нејзиниот интерес за поставување на ред во фелата кога во пракса освен финансиското известување, на товар на работата на сметководителите паѓа и спроведувањето на даночните политики, подготовката на даночните извештаи и даночните пресметки преку кои се полни и државната каса.
Економист: Во собраниска процедура е нов Закон за вршење на сметководствени работи кој предизвика бурни реакции кај сметководителите на јавна расправа во Собрание за нетранспарентност при негово изготвување. Каде го лоцирате проблемот?
Грозданов: Постоечкиот Закон за вршење на сметководствени работи е законско решение со низа недостатоци. Вистинска умешност е да се состави предлог со драстично полоши решенија од актуелниот Закон, но ете, надлежните со последниот предлог за кој се дискутираше на јавната расправа успеаа и во тоа.
Конкретно, со предлогот се промовира уште полош однос измеѓу правата и обврските на сметководителите и дополнително се поткопува и онака слабата позиција на сметководителите во економскиот систем со измислување на нечуено деградирачка законска категорија на „лице без лиценца кое може да врши сметководствени работи“.
Но главниот проблем го лоцирам на повисоко, генерално ниво: отсуството на волја за комуникација на законодавецот со професијата. Оние кои секојдневно ја работата оваа работа треба да се најзапрашани во постапката за носење на било какви промени во регулацијата на фелата. Ќе дадам едноставен пример. Фелата веќе години наназад бара акт за дефинирање на минимален надомест на трошоци за вршење на сметководствени услуги. Наместо идеи за решение на проблемот кој фелата го има одамна констатирано а кој би помогна да се искорени сивата економија во дејноста и кој би го подобрил квалитетот на дадените услуги на доброто на целото стопанство од надлежните доаѓа само молк.
Имајќи го сето ова на ум, за жал морам да констатирам дека „климата“ во која новопредложеното законско решение стаса до јавна расправа беше крајно неповолна. Целата постапка беше ужасно нетранспарентна и не вклучуваше механизам за feedback и затоа воопшто не ме чуди што законот не продолжи во собраниска процедура. Всушност тоа беше и најдобриот исход бидејќи кое било решение кое би се донело без да помине низ филтрите на јавните дебати и расправи низ еден подолг период од минимум година – две ќе значи само чекор назад и дополнително изгубено време за професијата.
Економист: Верувате ли дека ќе се подобри позицијата на сметководствената професија во државата и кои сметате дека треба да се идните чекори?
Грозданов: Краткорочно гледано според мене од клучно значење е деблокада на ИСОС и избор на нов УО кој конечно би почнал да работи во интерес на фелата, би воспоставил редовна комуникација со институциите кои се корисници на сметководствените извештаи во насока на заштита на интересите на колегите а не во насока на измислување на нови обврски, би спровел тековни активности како на пример организација на избор за дополнување на Собранието на ИСОС и што е најважно би ја вратил довербата на сметководителите во институциите!
Доколку ова се случи верувам дека брзо ќе ја преминеме фазата на „детски болести“ и ќе продолжиме кон градење на угледна и респектабилна професија.