Јанчев им се заблагодари на Заев, Филипче и Спасовски, зашто помогнале по сообраќајката на неговиот син

ИЗВОРСкопје24
|

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев јавно им се заблагодари на премиерот Зоран Заев, на министерот за здравство Венко Филипче, на министерот за внатрешни работи Оливер Спасов и на вработените во МВР, ЈЗУ Кавадарци, КАРИЛ, УЦ „Мајка Тереза“ и на сите кои посветено си ја извршувале својата работа со цел да се спасат човечки животи.

Заблагодарувањето доаѓа по сообраќајната несреќа во која беше повреден синот на градоначалникот и негово другарче.

Јанчев за „Фокус” потврди дека денес децата се на пат кон своите домови, по успешните интервенции извршени над нив во Клиничкиот центар во Скопје.

Фокус го пренесува отворенот писмо на Јанчев, во кое се заблагодарува.

Почитувани,
Секоја професија има свои уникатни вредности кои и даваат белег и исклучителност во нејзиното извршување. Да им се помага на другите луѓе е доблест која некои во исто време ја имаат и како привилегија да биде и нивна професија.

Почитуван Претседател на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Зоран Заев, голема благодарност за Вашата работа и залагање во делот на здравството во нашата земја. Организираноста и функционирањето се заслуга на Вашето успешно менаџирање.

Голема е посветеноста на Министерот за здравство г-дин Венко Филипче во постигнувањето на создавање на модерно и функционално здравство со кое ние граѓаните се чувствуваме сигурни. Во оние тешки моменти кога се соочуваме со некој здравствен проблем и кога имаме потреба од брза интервенција, успешното работење значи спасување на нечиј живот.

“Почитуван Министер г-дин Оливер Спасовски, почитувани вработени во Министерството за внатрешни работи, ПС ОН Кавадарци, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), Клиника детска хирургија и Ургентен центар при клинички центар “Мајка Тереза“, од се срце Ви се заблагодарувам за Вашата тимска работа и за подготвеноста да реагирате во критичните моменти. Голема благодарност за Вашата посветеност и професионалност. Вашата жртвуваност за нечиј живот понекогаш ве држи далеку од Вашите семејства, но бидете сигурни дека некој ќе Ви биде благодарен до крајот на својот живот затоа што поради Вас останал да биде дел од своето семејство. Вашата професионалност само покажува дека чекориме напред кон светските стандарди на модерното и напредно здравство.

Со почит, Митко Јанчев“, се наведува во отвореното писмо од градоначалникот.