Тимот на Винаријата „Попова кула“ во Демир Капија го покани македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски да биде гостин во нивниот ресторан. Поканaта следува откако Алиоски не бил примен во ресторанот „Ла Страда“, каде побарал маса со неговото семејство, со образложение дека сите маси се резервирани. Ситуацијата се смениле откако сфатиле дека се работи за македонскиот репрезентативец, но веќе било прекасно.
При тоа Алиоски тврдеше дека не биле примени затоа што зборувале на албански јазик.
„Почитуван господине Алиоски, ве покануваме со вашата фамилија да ни бидете гостин во нашиот ресторан. Ќе ни биде навистина чест и гордост доколку ја прифатите оваа наша покана. За арно, за убаво. Тим попова Кула“, порачаа од винаријата преку социјалните мрежи.
Инаку, неколку часа откако порталите ја објавија информацијата за Алиоски тој се вратил во ресторанот „Ла Страда“, добил извинување од сопственикот и потоа се вклучил во хуманитарна акција за помош.
И ФФМ се огласи за немилиот настан на Алиоски и испрати моќна порака
Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува говорот на ом*аза чија последна жртва беше нашиот репрезентативец и фудбалски амбасадор Езџан Алиоски.
Ние како федерација и институција која е социјално одговорна и се залага за развој на позитивните вредности во општеството секогаш ќе стоиме на страната на правичниот третман и почитувањето, без оглед на верската, националната припадност, расата или бојата на кожата!
Сите репрезентативци кои со гордост го носат националниот дрес се нашите најголеми амбасадори, и заслужуваат секаква почит!
Уште еднаш сакаме да порачаме – Ом*азата не игра на наш терен! Да ја исклучиме и од нашето окружување!
Ги повикуваме институциите на системот соодветно да реагираат на ваквите немили настани, со цел никогаш да не се повторат.