НЕВРЕМЕ ВО КУМАНОВО И СКОПЈЕ: Поплавени улици и куќи

ИЗВОРСкопје24
|

Обилни дождови попладнево го зафатија Куманово и предизвикаа проблеми ширум целиот град.

Според првичните информации од Регионалниот центар за управување со кризи, поплавени се куќи во населбата „Перо Чичо” и во селото Доброшане, како и подрумски простории, гаражи и дворови зад гимназијата и на дел од булеварите.

Првичните информации од оперативците на РЦУК Куманово се дека се појавило и странично свлечиште на улицата „Титова Митровачка” за што се информирани надлежните институции.

– Екипите на „Водовод” веќе се на терен и се обидуваат да ја исцрпат водата од поплавените простори, изјави директорот на претпријатието Горан Стојковски.

Поројниот дожд го зафати Куманово пред 15 часот и непрекинато врнеше речиси еден час со силен интензитет и силни електрични празнења.

Невреме со дожд и грмотевици исто така денеска го зафати и Скопје, а најaвени се и врнежи од град. Апел до граѓаните да внимаваат и да не стојат под дрвја.

Сепак, дождот што попладнево почна да паѓа во главниот град ги освежи скопјани, а температурата се спушти на 19 степени Целзиусови и тоа од 32 степени, колку што за денеска прогнозираа синоптичарите од УХМР.

За утре во Скопје УХМР најавува сончево и топло со умерена облачност, околу пладне и попладне на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Температурата ќе достигне до 31 степен.

Во наредните три дена времето во земјата се прогнозира да биде претпладне сончево и топло со умерена облачност, попладне на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град. УВ=7.