За најупорните за 350 евра се наоѓа десетдневен аранжман во хотел на црногорско приморје, а за најиздржливите има летување во Кушадаси.
Просечната македонска плата е доволна за одмор во претсезона во студио на Халкидики и во Хрватска, а во сезона со тие пари може да се летува во хотел во Бугарија или во Охрид со полупансионски аранжман. За најупорните за просечна плата може да се најде и хотелско сместување во Бечиќи или во Петровац во Црна Гора.
Генерално со просечна македонска плата може да се помине седумдневен одмор во претсезона (до крај на јуни) во некое од убавите туристички места на првиот крак од полуостровот Халкидики. Превоз и седум ноќевања во студио во вила во: Ханиоти, Пекохори, Фурка или некое друго од местата на кракот Касандра може да се закупи за цена до 100 евра по лице. За просечна македонска плата речиси и да не може да се најде пристојно хотелско сместување со полупансион во кој и да е од хотелските комплекси што се нудат во овој дел на Грција.
Наспроти тоа бугарската ривиера е многу подостапна. Таму има хотели на Сончев брег кои нудат полупансионско сместување за период од десет дена по цени што се пониски од 18.000 денари. Десетина хотели во популарната бугарска ривиера „Сани бич“ се нудат по овие цени и се едни од најдостапните понуди за македонските туристи. Силна конкуренција годинава на бугарските хотели се охридските хотелиери. Нивните цени се сосема пристапни и конкурентни со бугарските понуди.
Хрватското крајбрежје за просечна македонска плата нуди десетдневно ноќевање во студио и превоз со климатизиран автобус во двата правци. Со оглед на цените на хрватската ривиера и не смее да се бара повеќе за 350 евра.
Упорните за просечна плата можат да најдат пристоен десетдневен и во некој хотел на црногорската ривиера за десетдневен престој во Бечиќи или во Петровац. За најиздржливите летување со просечна македонска плата има и во Турција. Но треба да се издржи 20 часовното патување со автобус до некоја од тамоѓните дестинации. Агенциите нудат десетдневен аранжман на база полупансиот во хотели на ривиерата во Кушадаси.