Еве како се движат цените за сместување во Охрид, Дојран и Преспа

ИЗВОРСкопје24
|

Езерскиот туризам во Македонија е во подем, а годинава се очекува да се срушат сите рекорди по бројот на гости и ноќевања. Во моментов на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро има гости како домашни така и странски не само од регионот туку и од земјите на ЕУ, и покрај тоа што временските услови не се баш поволни.

Летното време, новите модерни плажи исполнети со разни реквизити, но и големиот број на музички и културни манифестации му дадоа годинава посебен шмек на македонскиот туризам.

Агенцијата за промоција на туризмот очекува годинава да се надмине ланската бројка на странски и домашни гости и таа да достигне вкупно над милион домашни и странски туристи.

Годинава цените на приватното сместување низ Охрид не се многу различни од ланските и се движат од 300 до 400 денари за легло во приватна соба. Во апартманите креветот чини поскапо и во зависност од опременоста се нуди од 500 до 1.000 денари по лице.

Што се однесува за изнајмување на еден апартман или стан во централното градско подрачје тоа ќе ве чини од 20 до 60 евра на ден, додека луксузните апартмани крај езерскиот брег чинат и до 100 евра дневно.

Охрид и годинава е најпривлечен за младите, но сепак имаме и гости од повозрасна категорија, како и семејства со деца.

Од Туристичкото биро во Стар Дојран потсетуваат дека на туристите годинава им се нудат околу 6.000 легла во 250 објекти од приватното сметување и осум хотели од кои 6 во Стар Дојран и два во Нов Дојран.

Според нив во приватното сместување леглото чини од 250 до 300 денари, а во студијата и апартманите се нудат од 1.200 до 1.500 денари.

И на Преспанскиот брег има гости, Најпосетени се плажите во Претор, Стење, потоа така наречената Сливничка плажа и секогаш актуелната Долно Дупени бич која важи за најголема песочна плажа во Македонија и една од најубавите плажи на Преспанското Езеро.

Гостите на оваа плажа уживаат во бистра вода, ситен песок, а од таму може да се посети и Островот на змиите од каде се стигнува за час и половина.

И годинава цените во приватното сместување се како ланските, при што во собите годинава по лице се наплатува од 250 до 350 денари за кревет.