Премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска го најавија стартот на проектот за поврат на 15 отсто од ДДВ кај граѓаните од 1 јули, а првата исплата на нивните трансакциски сметки ќе биде во декември. Едно четиричлено семејство нема да може да добие поврат поголем од 28.800 денари, односно најбогатите тука ќе бидат ограничени.
„Важно е дека оваа мерка ќе биде еднаква за сите, односно ќе има лимит за богатите. Секој може да си направи математичка пресметка. Секој ќе добие 27 денари на платена сметка од 1.000 денари.Тоа се 15 отсто од платен ДДВ од 18 отсто на фискална сметка. Проценките се дека даночната евазија е 30 отсто, сега ќе биде помала. Исплатата е дури во декември за да ги тргнеме сите недостатоци кои би се појавиле, иако верувам дека системот е многу добро поставен. Најдобро е секој да си има своја евиденција, но доколку некој не може да се снајде со сметките, може да му ги дава на роднина или друг близок и да побара помош од него. Важно е да не се остави простор на сивата економија, која реално прави огромни штети. Нашите пресметки се дека кај граѓаните на овој начин ќе се вратат 50 милиони евра според нашата проекција на буџетот. Овое средства ќе бидат силна мотивација за граѓаните, бидејќи знаат дека со овие дополнителни средства ќе решат одредено буџетско прашање, како напривен снабдување со огрев за грејната сезона“, рече премиерот Заев.
Тевдовски рече дека фискалните сметки треба да бидат скенирани со мобилните телефони најдоцна до 10 дена од издавањето на фискалната сметка. Фискалната сметка која ќе се скенира со апликацијата од мобилчниот телефон може да биде најголема до 30.000 денари.
„Услов е секој да има трансакциска сметка на свое име ако сака лично да ги добие парите. Скенирањето треба да се направи најмногу 10 дена од издавањето на сметката. За ранливите групи има и алтернативни начини. Апликацијата ќе важи за сите граѓани над 15 години. Доколку граѓаните немаат можност сами, од еден мобилен може да се користат повеќе профили, затоа обратете се кај најблиските. Во декември 2019 ќе биде првата исплата парите на сметките. Најмногу 28.800 денари годишно ќе може да добие четиричлено домаќинство. Тоа е ограничувањето. Односно еден до двата проценти најбогати нема да бидат неограничени. Апликацијата самата веднаш покажува дека сметката е прифатена. Ова важи само за граѓани, а не за претпријатија кои работат со фактури и сметкопотврди“, истакна Тевдовски.
Лукаревска наведе дека системот е подготвен и дека апликацијата е едноставна и лесна за користење.
„Изминатиот период тим на врвни професионалци работеше на проектот. Прв е од ваков вид на Балканот. Динамичниот начин на живеење наложува ефикасен начин на користење на времето, затоа начинот е брз и едноставен. Претпополнетата даночна пријава се покажа како успешен проект, затоа веруваме дека и овој ќе биде таков. Од 1 јули фискалните сметки нема да бидат парче хартија. Апликацијата „Мој ДДВ“ скенира само валидни сметки со скенирање на бар-кодот, незаконските нема да ги препознае. Затоа веруваме дека граѓаните ќе станат партнери во борбата со сивата економија и ќе бидат инспектори на еден начин. Постарите ќе може да побараат да бидат регистрирани од нивните најблиски, од помладите роднини. Апликацијата е направена така што же има и извештај да може да се види колку пари ќе му бидат вратени на пример во декември при првата исплата“, рече Лукаревска.
Реформата предвидува од 1 јули, секој граѓанин кој што има над 15 години и важечка лична карта ќе има можност за поврат на ДДВ. Потребно е само да има трансакциска сметка и да биде регистриран во системот е -даноци. Мерката беше најавена дека секое семејство ќе добие максимум по 500 евра годишно од поврат на ДДВ. Според анализата на Фајнанс тинк пак, само најбогатите домаќинства кои годишно трошат над 20 илјади евра, ќе добијат од државата на име ДДВ околу 450 евра. Просечно македонско семејство кое троши за минималните основни потреби околу 530 евра, колку што изнесува социјалната потрошувачка кошница, ќе добие само 172 евра.