По девет месеци натпревар, заврши 13-та сезона на популарното регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“.
Убедливо според гласовите на публиката победи 17 годишната учесничка од Босна, Џејла Рамовиќ во борба со уште 15 учесници од силната конкуренција.
Младата и талентирана пејачка чиј ментор беше Марија Шерифовиќ, водеше и според гласовите на жирито, односно во случајот гласовите на околу 60-тина пејачи од регионот кои преку телефонско вклучување го дадоа својот глас.
За Џејла ова е втора победа во шоу од ваков каракрер, бидејќи претходно победи и во „Некои нови клинци“.
Победата на Џејла беше очекувана, па дури и жирито воопшто да не гласаше за неа, таа сепак ќе ја однесеше победата според смс пораките на публиката кои беа нешто повеќе од 101 илјада, што ни приближно не беше случај за ниеден од финалистите.
Откако сите 16 финалисти испеаја по две песни, од кои едната беше истата која ја пееја во полуфинале, следеше гласањето на голем број пејачи од регионот меѓу кои: Миле, Китиќ, Неда Украден, Жељко Самарџиќ, Лепа Брена, Жељко Јоксимовиќ, Маја Оџаклиевска, Милица Тодоровиќ и многу други кои по евровизискиот принцип на гласање најмногу 12-ки и дадоа на сега веќе победничката Џејла Рамовиќ.
Македонија имаше четворица свои учесници на оваа возбудлива вечер. На сцената настапија: Огнен Здравковски, Дарко Коцевски, Мартинијан Кириловски и Филип Пецовски.
Иако според телефонските гласови на пејачите кои гласаа, меѓу повисоките позиции беа Мартинијан и Огнен, според смс гласовите пак, убедливо најмногу од Македонците освои скопјанецот Филип Пецовски.
Крајниот резултат од вкупните поени, највисоко од нашите кандидати го пласираше Мартинијан Кириловски, потоа Огнен Здравсковки, следен на табелата беше Дарко Коцевски, а последен Филип Пецовски.
Во ревијалниот дел на шоуто на сцената својата нова песна ја отпеа Александра Пријовиќ, додека на крајот статуетката на победничката Џејла и ја предаде менторката Марија Шерифовиќ.
Инаку, победничката на оваа 13-та сезона освои автомобил, песна, договор со „Гранд“ продукција како и една специјална награда – настап на фестивалот „Улаз“ во Белград кој ќе се одржи од 11-13 јули, открива Саша Поповиќ за српските медиуми.
Извор: Вистина.мк