Ќебапчилницата „ШАРИ“ во Тетово секој ден дава бесплатен оброк за немашните и немоќните

ИЗВОРСкопје24
|

„Овде можете да земете бесплатен оброк од 9:00 до 13.00 часот“, пишува на албански и на македонски јазик на мала црвена табла пред влезот на ќебапчилницата „Шари“ на Илинденска, една од најпрометните тетовски улици во близина на мостот на реката Пена. Сосем мал угостителски објект во кој едвај собира седум-осум маси, но објект кој има газда со огромно срце. Од пред 4 месеци, сопственикот на „Шари“ Хусамет Муртезани, кого сите го знаат како Самет, на влезот од вратата ја постави таблата со намера да ги нахрани сите социјално загрозени лица кои немаат доволно примања за да си дозволат еден дневен оброк.

„Идејата да им давам бесплатен оброк на сиромашните започнав да ја реализирам од пред 4 месеци но без никаква намера јас да се рекламирам, ниту пак за да остварам некој поголем промет. Ние во муслиманската вера ова го нарекуваме садака, што значи да направиш нешто или да помогнеш некому и тоа да го направиш од срце, за своја душа. Јас сум радосен кога давам и ова мене целосно ме исполнува. Да помогнеш некого кој навистина нема што да јаде денеска, да добие чинија гравче или порција ќебапи, еден пијалок и задоволен и најаден да излезе од тука, е тоа е моето задоволство, тоа е мојата садака“, вели Самет.

Самет вели дека не брои колку вакви оброци дели дневно, тоа за него воопшто не е важно, тоа што нему му е битно е храната да ја добиваат навистина сиромашните и немоќните луѓе. За него сите сиромашни се добродојдени и воопшто не е важно дали се Албанци или Македонци.

„Овие сиромашни луѓе се многу горди луѓе и на многумина навистина им е многу тешко да дојдат овде и да побараат бесплатен оброк. И јас чувствувам колку им е тешко кога прв пат ќе дојдат и колкав напор им е потребен за да прозборат и да кажат дека им треба еден оброк. Јас секогаш гледам да не го доведам во незгодна ситуација и воопшто не правам разлика помеѓу нив и редовните гости. Тие доаѓаат во ќебапчилницата, ги послужуваме како и секој муштерија и никој не мора да знае, па ни присутните гости, дека добиле бесплатен оброк. Сепак и кога го земаат оброкот гледам дека во душата им е многу тешко. Не сакам да ме разберете погрешно, овие оброци се за навистина сиромашните луѓе, но не и за просјаците бидејќи јас сум голем противник на просењето“, вели Самет.

Пред влезот на неговата ќебапчилница, десетина минувачи и Албанци и Македонци го поздравуваат и застануваат на краток муабет и речиси сите ја фалат неговата благородна идеја да им помага на сиромашните. Вели, не е важно од која националност или вера се луѓето, најважен му е односот и меѓусебната почит.

Целиот текст прочитајте го на СДК.МК