Граѓаните на Македонија , Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина од 1 јули ќе може да телефонираат во роаминг по пониски цени од речиси 30 отсто, со оглед на тоа што почнува примената на регионалниот договор за роаминг. Цените во првата фаза ќе бидат намалени 27 отсто, а на 1 јули 2021 година се очекува целосно укинување на роамингот за регионот.Договорот на политичко ниво помеѓу земјите од Западен Балкан беше донесен на почетокот на месец април.
Директорот на АЕК, Сашо Димитровски кажа дека се очекува намалување на роаминг услугите и со соседна Грција до крајот на годинава.
Ќе има ли поевтин роаминг со Грција?
На неодамнешната средба помеѓу министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и неговиот грчки колега Никос Папас беше најавено дека цените на роамингот помеѓу нашата држава и Грција треба да се намалат пред почетокот на туристичката сезона.
На средбата беше потпишан и меморандумот за разбирање и намалување на цените на роамингот.
– Регулаторните тела на двете држави треба да ги утврдат деталите, односно за колку проценти ќе се намалат цените во роамингот. Ќе се обидеме кон крајот на мај, почетокот на јуни да понудиме да понудиме конкретни резултати во делот на интернетот. До 2021 година ќе се одвива динамиката на намалување на цените се до целосно укинување на роамингот. Односно, динамиката за целосно укинување ќе оди како со Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, појасни Манчевски.
Регулаторните тела на двете земји досега требаше да излезат со првите резултати, за колку проценти би можело да биде намалувањето и кои би биле цените, а доколку има потреба треба да се интервенира и во законската регулатива на двете држави.
Колку чини роамингот и интернетот со соседните земји?
Eврокомесарката Марија Габриел неодамна изјави дека заедничкиот договор меѓу земјите од Западен Балкан за намалување на цените на мобилните услуги, а роамингот целосно да биде укинат кон средината на 2021 година, е предуслов за укинување на роамингот и кон ЕУ. Откако целосно ќе се укине роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан, тоа ќе се случи и со земјите од ЕУ. Заега цените на мобилните услуги со соседите се различни.
Според анализата на Институтот за развој на електронски комуникации (ИНРЕКОМ), во моментов, минута разговор кога македонските граѓани зборуваат со Бугарија изнесува од 76 до 150 денари, во зависност од операторорот.
Според договорот со Грција, појдовен повик од 1-ви јули со нашиот јужен сосед треба да чини 0,29 евра по минута, а во јули следната година да се намали на 0,24 евра, а во јули 2021 година 0,19 евра.
Еве некои табели за цените на мобилните услуги со нашите соседи според операторот, подготвени од ИНРЕКОМ.
Maкедонски телеком
ВИП
Цените за мобилните услуги во роаминг за корисниците на Вип се поделени во неколку категории, односно цени за во Европа (без Русија) и цени за во остатокот од светот (со Руската федерација). Вип има златни партнери преку кои може да се користат мобилните услуги со намалена цена, додека сребрените се останатите оператори во земјата на посета. Па така, во Европа (без Србија, Црна Гора, БиХ и Русија) кај златните партнери цената за појдовен повик е 79 денари, за дојдовен повик е 29 денари, СМС порака е 19 денари и 100KB интернет е 39 денари.
Услуги преку останатите оператори, т.е. сребрени партнери се повисоки и истите изнесуваат: 109 денари појдовен повик, 29 денари дојдовен повик, 19 денари за порака и 59 денари за 100KB интернет сообраќај.
Цените во останатите земји од светот вклучително и Русија, кај златните партнери се: 179 денари појдовен и 79 денари за дојдовен повик, 29 денари SMS порака и 79 денари за 100KB интернет. Кај сребрените партнери во светот, цените изнесуваат: 219 денари за појдовен повик, 79 денари за дојдовен повик, 29 денари појдовна СМС порака и 99 денари за 100KB интернет сообраќај.
Дополнително, златен партнер на Вип е мобилниот оператор Водафон (Vodafone) со што во земјите во кои оваа компанија има своја мрежа, мобилните услуги во роаминг се поевтини. Во продолжение, цените за при-пејд корисниците за одредени дестинации:
Република Македонија има склучено договор за регулирани цени во роаминг со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а кон договорот се приклучени и останатите две држави од т.н. Западен Балкан: Албанија и Косово. Согласно договорот, постепено ќе се намалуваат цените, а откако ќе се укине роамингот помеѓу земјите од балканската шесторка, истиот ќе биде укинат и кон ЕУ земјите – членки.
Република Македонија има потпишано меморандуми со источниот и јужниот сосед, со што наскоро треба да се започнат правните процедури во земјата како и во Бугарија и Грција, па граѓаните и на овие земји како и Македонците, да уживаат во намалени цени до целосно укинување на роамингот.
Два од четирите мобилни оператори нудат посебни пакети за во роаминг со што се има контрола врз потрошениот сообраќај (минути, пораки и интернет) во странство.
Институтот за развој на електронските комуникации ИНРЕКОМ Скопје на корисниците на Македонски телеком и на Вип, доколку посакуваат да ги поминат годишните одмори со пристап до интернет или пак да извршат повици кон Македонија со домашните, им препорачува да активираат некој од понудените пакети, бидејќи се поевтина алтернатива.
ИНРЕКОМ препорачува на операторите Лајкамобајл и Телекабел да креираат пакети за во роаминг со вклучени минути, пораки и интернет сообраќај, со цел поедноставување и доближување на понудите кон корисниците, но и воедно да бидат конкуренција на двата мрежни оператори.
Институтот на Министерството за информатичко општество и администрација, како надлежен орган на државната управа при Владата, му препорачува да иницира изработка, потпишување и спроведување преку Агенцијата за електронски комуникации, на меморандум со Република Турција, како земја која не е членка на ЕУ, но е во тесни економски и политички релации со Македонија, за регулирање на цените за роаминг односно негово намалување и целосно укинување.
Владата, МИОА и АЕК треба тесно да соработуваат при иницирањето на договори за намалување на цените во и целосно укинување на роамингот со останати земји кои се најчеста дестинација за летните и зимските одмори на македонските граѓани, а не се членки на ЕУ, препорачува ИНРЕКОМ.