Ако решивте одморите да ги поминете во Грција, тогаш треба да внимавате на најголемата опасност која демне периодов, а тоа се кражбите. Крадците оперираат по автомобилите, а ако сте оставиле нешто и на терасите, па дури и во апартманите.
Многу сведоштва летово зборуваат за тоа дека и оваа година крадците не мируваат: – Бев во апартман на Никити, ми земаа 50 евра и златно ланче од сопругот додека бевме на плажа, вели за српските медиуми жена од Србија.
Акцентот на кражбите е ставен на големите и популарни плажи, па ако се најдете на некоја од тие локации добро заклучете го апартманот каде сте сместени, не оставајте ништо на тераса, и не оставајте ништо во автомобилите.
Дека одморот кај јужниот сосед може да ве чини скапо говорат информациите дека во Грција во последниве години полицијата ги симнува регистерските таблички од автомобилите што се погрешно паркирани. Тоа важи и за Грците и за странските државјани и туристи.
Ова вообичаено се случува во Солун, на Тасос, Халкидики, но и на островите. Казната за непрописно паркирање во Грција изнесува од 40 до 80 евра, но повеќе не постои можност да се плати половина од казната ако тоа се направи веднаш на лице место.
За странските државјани казната е симнување на регистерските таблички кои потоа се враќаат штом се плати казната. Грците, пак, може да останат без таблички и до три месеци, плус да ја платат казната.
Доколку вакво нешто му се случи на странец во текот на викендот, ќе мора да се чека до понеделник кога работат полициските станици за да му бидат вратени табличките и да ја плати казната.
Според новиот ригорозен закон што во Грција важи од лани, табличките се враќаат по плаќање на казната за непрописно планирање, а возачот добива и забрана за управување на возилото одредено време. На странските државјани забраната за управување завршува оној ден кога ќе ја напуштат територијата на Грција. Тогаш им се враќаат табличките. Дополнително, грчкото МВР во повеќе наврати во текот на оваа година апелираше дека ќе ги засили полициските контроли на автопатиштата за да се спречи возење со брзина поголема од дозволената.