Филипчев: Маленко не е веќе претседател, лажно се претставува и користи неважечки печати!

ИЗВОРСкопје24
|

По вчерашното соопштение на Aлександар Mаленко, со кое тој ја потенцира својата легитимност како претседател на „Пливачката федерација на Северна Македонија“, денеска на медиумите се обрати раководството на другата, „Национална пливачка федерација“.

Претседателот Александар Филипчев од почеток истакна токму тоа, дека не станува збор за две федерации, туку дека оваа, чиј предводник е тој е старата, со 60-годишна историја. Истата на која и Маленко беше претседател, но бил разрешен во април, од истите клубови кои лани го поддржуваа. Сега само е преименувана во национална, наместо македонска, поради Преспанскиот договор со Грција.

„Водечките клубови од Македонија, незадоволни од работата на федерацијата, побараа одржување на вонредно собрание, кое се одржа на 24 април. На тоа собрание беа донесени неколку одлуки, како избор на ново раководство и претседател, потоа статутарни промени и промена на името на федерацијата. Ова е федерациjaта која има континуитет преку 60 години и е единствената препознаена од македонските институции и од Светската и Европската пливачка федерација. Но и покрај тоа, наидуваме на проблеми и опструкции од старото раководство. Поранешниот претседател, Александар Маленко уште ги користи печатите, иако веќе не важат. Тој се потпишува како Пливачка федерација на Северна Македонија, а печатите му се од Пливачка федерација на Македонија“, објасни Филипчев.

На деветти јуни, НПФ добила решение од централен регистер дека таа, со претседател Александар Филпчев е заверена како важечка федерација, меѓутоа проблемот е во тоа што во ФИНА (Светската пливачка федерацјиа), се уште релевантен претставник на Македонија е Александар Маленко и тоа со новото име, Пливачка федерација на Северна Македонија. Маленко излезе со потврда, признание од ФИНА, но од НПФ и тоа го објаснија.

„Точно е, тој има мејл од ФИНА, но погледнете го датумот на тој мејл, добиен е на 12 јуни. Ние дури на 9 јуни добивме потврда од централен регистер дека сме важечка федерација. Потоа доставивме до ФИНА комплетна документација, сега во четвртокот, во 5 часот попладне. Вчера пративме уште едно, ургентно писмо и очекуваме во секој момент да бидеме признати, како една и единствена федерација од Македонија“, објасни Боро Блажевски, техничкиот секретар на НПФ.

Ако во меѓувреме филипчев и новото раководство навистина добијат признание од ФИНА, тогаш веројатно ќе нема скандали од типот на овој со Миа Блажевска Еминова, на неодамнешното Медитеранскиот куп во Бургас, кога Маленко „наредил“ да биде суспендирана, само поради тоа што нејзиниот клуб Орион не го поддржува него, туку Филипчев.

„Се надеваме дека нема повеќе да имаме банални проблеми со пријавување на првенства, како тие на Марко Блажевски и Евгениј Поп Ацев од минатото и овој најтазе, со Миа Блажевска Еминова, бидејќи со тоа страдаат најмногу спортистите, но и македонското пливање во целост“, вели Илија Стојановски, тренерот на Миа.

Следен голем меѓународен настане е Европското младинско првенство идната недела, а на крајот на јули ќе има и светско младинско првенство. Ако НПФ дотогаш не биде признаена од ФИНА и понатаму Александар Маленко ќе остане легитимен претставник на Македонија, а со тоа и единствен со право да пријавува пливачи.