Награди, солзи во очите и македонски ора: Танец прослави 70 години постоење во преполна сала на НОБ (ГАЛЕРИЈА)

ИЗВОРСкопје24
|

На спектакуларен начин, со речиси три часовен концерт во преполната сала на Националната опера и балет, националниот ансамбл Танец вчеравечер го прослави своето јубилејно 70 годишно постоење.

Основан на 24 март 1949 година, па се до денес, националниот ансамбл гордо ги чува и негува македонската традиција и фолклор исплетена преку голем број на ора, игри, песни, народни носии и кореографии. Сите оние бројни играорци кои низ годините наназад поминале низ Танец верно ја чуваат македонската култура и се нејзини вистински амбасадори насекаде низ светот. Како што истакна и Атанас Коларовски еден од првите играорци во Танец, овој ансамбл го определил животот на секој еден од нив, и поради тоа денес тие се она што се.

Од посебно значење е првото претставување надвор од Македонија, поточно на меѓународниот фестивал во Ланголен, Англија во 1950 год. и добивањето на првата награда, што е историски настан за Ансамблот, но и за македонската култура. Всушност, овој настан е потврда за ансамблот во успешното презентирање на македонското фолклорно богатство.

Ансамблот има настапено на над 3.500 концерти, фестивали и други културни приредби, со над осум милиони посетители. За успешноста на „Танец“ зборуваат големиот број награди, дипломи, благодарници и признанија добивани по разни поводи, концерти и сл., меѓу кои и наградите: „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „13 Ноември“.

Концертот започна со видео обраќање на Атанас Коларовски, кој како еден од најстарите играорци зборуваше за важноста на традицијата, за сите успеси кои Танец ги постигна низ годините, па говорот го заврши со солзи во очите откако истакна колку Танец го променил неговиот живот, велејки дека неговиот живот е Танец, па каде и да се сврти секоја помисла му е токму овој ансамбл.

Со свое обраќање потоа излезе и премиерот на државата кој истот така истакна колку е битна традицијата која овој ансамбл ја негува, не само за нас во Македонија, туку и за оние наши иселеници насекаде во светот.

„Никој не останува рамнодушен кога настапува Танец. Уште при првиот звук од зурлата, уште на првиот удар од тапанот и при првиот чекор на ороводецот ни заигруваат срцата, ни затреперува телото. Не само нам, туку и на сите нашинци во дијаспората и на сите луѓе во светот. Затоа треба да сме им благодарни на сите генерации, членови на Танец, кои успеаја да го одржат континуитетот на чување на високите вредности што цели седум децении го прават горд нашиот народ“, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев.

Свое обраќање имаше и главниот човек на Танец, Мартин Вучиќ, кој како директор на ансамблот истакна дека „Танец“ го задржува стандардот што го поставил уште на првото меѓународно претставување под кој, како што рече, не ни е дозволено да одиме. Тој исто така истакна дека му е чест и задоволство да биде дел од еден ваков ансамбл и дека е благодаре на сето она што го наследил.

„Ние, сегашните, и идните генерации, мора да бидеме во чекор со тие високи критериуми и цврсто да го одржуваме тоа врвно ниво и претпазливо да го надградуваме со нови пристапи и обликувања беа притоа да го осквернавиме“, рече Вучиќ.

Благодарници од страна на директорот на Танец, им беа доделени и на четворица други поранешни раководители на „Танец“ за особен придонес во неговиот развој – Томе Димишковски, Бошко Тренески, Марко Колоски и Зоран Џорлев, а посебна благодарница му беше врачена и на Коларовски како претставник на првата генерација играорци и раководител на Танец за време на дури две децении, што публиката го дочека со стоечи повеќеминутен аплауз и овации.

Концерт беше поделен во два дела, првиот дел помина навистина разиграно и брзо, а вториот дел беше вистинско изненадување затоа што настапија дел од најстарата генерација играорци Танец, од нивиот богат репертоар на најубавите игри, песни и оркестарски дела беа изведени “Невестинското”, “Тешкото”, “Комитско”, “Чифте Чамче”, “Осоговка” и многу други бисери на македонскот народно творештво.

Мисијата на ансамблот Танец е ширење на македонската културна традиција насекаде во светот, во своето 70 годишно постоење ансаблот Танец може да се пофали со многубројни концерти како земјата така и во странство. Каде што има Македонци таму е и ансамблот Танец кои преку својата енергична изведба, ора и музика им дозволува на македонските иселеници барем на кратко да се чувствуваат чекор поблиску до родната земја. Со истата цел Танец во месец ноември тргнува на турнеја во Австралија, која веруваме дека ќе биде најпосетена до сега. Во Мелбурн тие ќе имаат свој концерт на 17 ноември, а во Сиднеј на 26 истиот месец, па нашинците таму уште сега се подготвуваат и со душа ги чекаат своите најуспешни амбасадори. Ние им посакуваме најмалку уште 70 успешни години и голем број концерти, награди, признанија и најважно изворна музика и игри.

Во продолжение погледнете дел од авмосферата на концертот:

(Наталија Јосифоска/Љупка Спасовска)