Сослушани 7 лица, за 6 се бара притвор од утринската полициска акција – По еден се уште се трага

ИЗВОРСкопје24
|

Сослушани се седум лица до сега кај судија на претходна постапка од десетмината што утрина а беа уапсени во полициска акција на неколку локации низ Скопје.

По единаесетиот се уште се трага, соопшти денеска обвинителката Ивана Трајчева од обвинителството за организиран криминал и корупција.

Обвинителството бара притвор за шестмина од нив, додека за седмиот бара мерки на претпазливост, напуштање на живеалиштето. Како што објасни обвинителката станува збор за склучување на договори за отуѓување на земјиште во сопственост на државата.

Станува збор за М. Ј. (40) од Скопје, поранешен министер за транспорт и врски, Д. Д. (44) од Скопје, Б. Д. Д. (41) од Скопје, В. С. (51) од Скопје, А. Ј. (36) од Велес, Д. М. (32) од Скопје, вработени во Министерството за транспорт и врски, Е. Р. (53) од Скопје, државен правобранител за подрачјето на град Скопје од 23 јули 2007 до 30 октомври 2018, поради сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, С. К. (54) од Скопје, вработена во Агенција за катастар на недвижностите – Скопје, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата, Р. П. (64) од Скопје, нотар за подрачјето на основните судови на градот Скопје, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, и неговиот колега, нотарот Л. С. (59) од Скопје, кој е осомнилен за злоупотреба на службената положба и овластувањето, како и за М. Ј. (51) од Скопје, сопственик и управител на фирма од Скопје.

Во денешната акција на полицијата приведени се 10 осомничени.

„Надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353, ст. 5, а едно од лицата несовесно работење во службата од чл. 353-в, ст. 3 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик, при што со своите дејства му предизвикале штета на буџетот во вкупен износ од 162.644.745,00 денари или 2.647.802 милиони евра.

Во предистражната постапка е утврдено дека во временскиот период од 21.12.2010 година до 8.8.2018 година првоосомничениот заедно со петмина административни службеници со неизвршување на своите службени должности постапиле спротивно на чл. 17, ст.4 од Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за градежното земјиште што се однесува на чл. 74, ст. 1, т. 7 од Законот за градежното земјиште. Имено, во наведениот период осомничените подготвиле и потпишале четири договори за отуѓување градежно земјиште во сопственост на државата.

За два од договорите, кои се однесуваат за земјиште во вкупна површина од 4.090 м2, наменето за изградба на хотелски комплекси, со вкупна вредност од 20.450.000,00 денари и за земјиште наменето за изградба на објект со комерцијални и деловни намени со вкупна површина од 1.046 м2, во вредност од 97.382.600,00 денари, осомничените не ја следеле реализацијата на наведените договори и анекс-договори.

Наместо поради неисполнување на договорните обврски еднострано да ги раскинат договорите и да го вратат градежното земјиште во сопственост на државата, како и да извршат наплата на договорната казна од купувачот за целиот период од денот на истекот на рокот за обезбедување на одобрението за градење, тие постапиле спротивно на своите овластувања и овозможиле купувачите да стекнат противправна имотна корист на штета на буџетот на државата во вкупен износ од 25.000.127,00 денари, односно 113.840.268,00 денари за вториот договор.

Другите два договори се склучени со осомничено лице, кое во првиот случај се јавува како физичко лице купувач, а во вториот како сопственик на правно лице. Договорите се однесуваат за земјиште во вкупна површина од 8.745м2, со цена постигната со електронско јавно наддавање во износ од 2.500,00 денари за 1 м2 или вкупна вредност од 21.862.500,00 денари и за земјиште во вкупна површина од 13.675 м2, наменето за изградба на хотелски комплекси, со цена во износ од 71 денар за 1 м2, односно вкупна вредност од 970.925,00 денари постигната со електронско јавно наддавање.

Неводејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, едно од осомничените лица во својство на службено лице, покрај тоа што првично констатирало правни пречки за склучување анекс на договорот и побарало тие да се отстранат, ја злоупотребило својата службена положба и овластувањето и подготвило мислење без да обезбеди дополнителни докази и без да констатира правни пречки за солемнизација на предложениот текст на еден од анекс-договорите. Со своите дејства осомниченото лице постапило спротивно на чл. 2 од Законот за државното правобранителство.

Со неизвршување на својата службена должност двајца осомничени како службени лица што вршат работи од јавен интерес постапиле спротивно на законот. Едниот, иако приложената документација не била комплетна, извршил потврдување на приватната исправа и притоа го изменил текстот на еден од договорите за отуѓување градежно земјиште и анексот на договорот во делот што се однесува на реалниот товар над земјиштето.

Наместо да констатира еднострано раскинување на договорите и враќање на градежното земјиште во сопственост на државата, во случај на неисполнување на договорните обврски дефинирал отуѓувачот да може да наплати само договорна казна, без прецизирање како државата ќе го наплати своето побарување доколку купувачот не располага со друг имот.

Второто осомничено службено лице со умисла помогнато од осомничениот сопственик и управител на правното лице постапило спротивно на одредбите од договорот за отуѓување, како и спротивно на чл. 43 и чл. 46 од Законот за нотаријатот. Иако било запознаено, не потврдило и не го евидентирало постоењето право на реален товар во корист на отуѓувачот – РМ.

Постапувајќи спротивно на своите службени овластувања, осомниченото лице извршило и солемнизација на нов договор – договор за дар на недвижен имот за едно од предметните земјишта, кој бил заверен и во кој е констатирано дека дародавецот – осомничениот бил сопственик на недвижноста што ја подарува и дека на неа немало воспоставено никаков правен товар. Со своите дејства осомниченото лице овозможило предметното земјиште да се пренесе во сопственост на трети лица.

Осомничениот сопственик на правно лице, иако знаел дека не ги исполнил обврските од договорот за отуѓување градежно земјиште, го известил Министерството за транспорт и врски за почнување со градежни активности, а кои ги прекинал со невистинито образложение и во два наврата доставил и вештачења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на Општина Центар. При солемнизацијата на договорот за дар на недвижен имот осомничениот дал лажна изјава дека градежното земјиште што е предмет на подарок, не е оптоварено со никаков правен товар.

Со пропуштање должен надзор – без да утврди дека во приватната исправа договорот за отуѓување градежно земјиште било предвидено прибележување реален товар над земјиштето во корист на отуѓувачот, осомничено службено лице несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од чл. 171 од Законот за катастар на недвижностите по кои било должно да постапува. Без да прибележи товар над земјиштето, осомниченото службено лице извршило промена на сопственоста над земјиштето и во јавните книги на катастарот во корист на осомничениот сопственик на правното лице.

Со извршените дејства шестмина од осомничените сториле по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353, ст. 5 во врска со ст. 1, двајца осомничени сториле по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353, ст. 5 во врска со ст. 4 в.в. со ст. 1, еден осомничен сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353, ст. 5 во врска со ст. 1 во врска со чл. 24 од Кривичниот законик и едно лице е осомничено дека сторило кривично дело несовесно работење во службата од чл. 353-в, ст.3 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за сите осомничени. Истовремено обвинителот во согласност со член 118 и член 120 од Законот за кривичната постапка достави и предлог за определување мерки за обезбедување имотно-правно побарување во висина на штетата“, информираат од МВР.