Британец: Хрватска е речиси совршена земја за одмор, ѝ недостасува само една работа

ИЗВОРСкопје24
|

Дописник на Дејли Меил, Хрватска ја нарекол „речиси совршена земја за семеен одмор“, а за совршенство, според него, ѝ недостасуваат само песочни плажи.

Даниел Сандерсон и неговото семејство ги посетиле Истра и Опатија за време на годишниот одмор во Хрватска, а веќе најавиле и повторно летување таму. На првиот дел од патувањето биле сместени во вила во Истра, а велат и дека аквапаркот „Istralandia“, кој е прогласен за петти најдобар воден парк во Европа им оставил најголем впечаток.

Но, од друга страна, без разлика што во вилата сместувањето им било прекрасно, за него семеен одмор не е целосен без одење на плажа. Иако хрватското крајбрежје е наречено „неверојатно“, Сандерсон вели дека „вистински плажи“ во Хрватска се реткост.

„Море кое нежно го заплискува кристално белиот песок, не е нешто што ќе пронајдете овде“, рекол тој.

За време на одморот го посетиле и Пореч, кој Сандерсон го опишува како живописно летувалиште со одлични барови и ресторани на плажата, но предупредил на камењата на плажата, како и на големи гужви.

Сандерсон во својот текст ги истакнал и убавините на раскошната градба во Опатија, дизајнерските продавници кои „го негуваат шармот на француската ревиера“, но напоменал дека песочните плажи тука се уште поретки.

„Бетонското крајбрежје е украсено со лежалки, но нема никаква ‘постепеност’, водата ви е преку глава штом скокнете во неа.“

И покрај недостатокот на „вистински плажи“, Сандерсон со задоволство ќе оди пак таму.

„Веќе резервиравме карта за во Хрватска. Прва станица ни е Аквапаркот во Истра. Ќе бидеме први во редот“, заклучил тој.