Жељко Самарџиќ во повеќе наврати има изјавено дека негов близок пријател беше Тоше Проески. Самарџиќ, кој пред две недели беше гостин во Скопје, на свадбата на менаџерот Кристијан Стефановски, се присети на дружбата со Тоше.
„ Се запознавме во Охрид на еден фестивал. Тој ми пријде, ми подари негова касета. „Одлепив“ на неговиот глас. Некоја година подоцна, се сретнавме пак на фестивал во Херцег Нови. Беше пораснат, не го препознав. Го прашав: „Од каде си момче?“ Кога ми кажа дека е од Македонија му одговорив: „Има еден пејач, се вика Тоше, фантастично пее, имам негова касета“. Ми се насмевна онака како што тој знаеше и ми рече: „Па, јас сум тој“. Од тогаш, станавме пријатели. Потоа отидов да го поддржам на неговиот прв голем концерт во белградската Арена на 14 февруари во 2007 година, а тој а да ми возврати веднаш пред цела публика ми го изрекламира концертот за осми март, во истата сала. И тоа беше еден од моите најпродавани концерти во кариерата, продадовме 20.000 билети благодарение на Тоше. Многу ми недостасува“, вели Жељко.
Самарџиќ се присети и на денот на трагичната несреќа, 16 октомври во 2007 година, кога Тоше го загуби животот кај Нова Градишка во Хрватска. Тој со неговиот менаџер, тогаш бил во Германија.
„Кога слушнавме што се случило, мојот менаџер Саша и јас, право од Германија заминавме во Крушево, во куќата на родителите на Тоше да им изјавиме сочуство. Воопшто не застанавме во Белград. Без оглед на нашата генерациска разлика, тоа беше едно прекрасно пријателство“, ни раскажа Самарџиќ кој е секогаш добредојден гостин кај македонската публика.