Ова е апликацијата за поврат на ДДВ која мора да ја имате – Еве каде можете да ја преземете

ИЗВОРСкопје24
|

Од денес почна примената на владиниот проект наречен „Мој ДДВ“, со кој граѓаните добиваат можност за поврат на 15 отсто од платениот данок на додадена вредност.

Можноста за поврат на 15 отсто од ДДВ ќе биде достапна за сите граѓани со наполнети 15 години што се регистрирани во системот на Управата за јавни приходи. Тие ќе треба да ги земат фискалните сметки на продажните места и да ги скенираат со помош на мобилен телефон и да ги испратат на апликацијата.

Апликацијата „Мој ДДВ“ е достапна за симнување ТУКА. Засега апликацијата е достапна само за „Андроид“.

Сите што се регистрирани во системот „е-Персонален данок“, преку апликацијата „Мој ДДВ“ ќе имаат можност да гo скенираат бар-кодот од фискалните сметки и да го остварат правото на поврат на 15% од износот на платениот ДДВ.

– Граѓаните што не се регистрирани, ги повикуваме да се регистрираат на „е-Персонален данок“ и со скенирање на фискалните сметки да го остварат правото на поврат на ДДВ – истакнуваат од УЈП.

Од оваа услуга на граѓаните ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно, а лимитот за едно лице ќе изнесува 1.800 денари квартално или најмногу 28.800 денари годишно за едно четиричлено семејство, пренесува МИА.

Повратот на ДДВ ќе се прави преку скенирање бар-кодови на фискалните сметки најдоцна во рок од 10 дена од издавањето на сметката. Ќе важи само за граѓаните и за фискални сметки до 30.000 денари, но не и за фактури и сметки со сметкопотврди. Нема да се однесува за сторнирани фискални сметки и ќе препознава дали сметката е исправна или не, односно фиктивна компјутерска. На ранливите категории и постарите лица што не се во можност да го направат тоа ќе им помагаат мобилните екипи и мобилните даночни шалтери на УЈП и 80 волонтери. Ќе има на располагање и бар-код читачи, мобилни телефони во сите организациски единици на УЈП преку кои ќе се врши читањето и киоск-апарати, а на еден мобилен телефон ќе биде оставена можност да има повеќе профили.

За парите што ќе се добијат како поврат на ДДВ граѓаните нема да плаќаат персонален данок. Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и во ноември.

Законот за враќање на дел од ДДВ беше усвоен минатата недела во Собранието. Проектот со наслов „Мој данок, моја заштеда“ е дел од изборната програма и Програмата за работа на Владата. Целта, како што образложија од Владата, е да се вратат пари кај граѓаните, да се намали сивата економија и да се елиминира даночното затајување. Се проценува дека дури 98 отсто од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ, а за 2 отсто од најбогатите ќе има лимит.