Многу топло време со темератури и до 40 степени, најавува УХМР за оваа недела. Зголемена ќе биде и влажноста на воздухот поради што, според УХМР, чувството ќе биде дека температурите се повисоки од измерените.
Максималните дневни температури насекаде ќе бидат над 30, а во среда се очекува да достигнат 40 степени. УВ индексот ќе биде 9.
Утре минималната температура ќе се движи од 12 до 21 степен, а максималната од 31 до 39 степени. Во овој интервал температурата ќе се движи и во наредните денови.
УХМР информира и дека од среда до петок во попладневите часови ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи.
Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, односно да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), да консумираат лесна храна и течности, посебно да внимаваат при подготовка и консумирање на храната, да избегнуваат термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца, внимателно да консумираат сладолед и разни кремови, да внесуваат поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, а при влегување во возило треба одреден период да го проветрат.
Во текот на ваквите екстремно топли денови, посочуваат од Министерството, граѓаните треба да останат во затворени простории (пред се климатизирани), при неопходен престој на отворен простор во овој период, да најдат можност за почести одмори под сенка, а хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија.